Девојка од Македонија била повредена во вчерашното пукање што се случи во предградието Бур Риџ во Чикаго кога Џереми Спајсер (31) од Арканзас го уби Србинот Никола Мишовиќ (30), а потоа се самоуби, објави српскиот портал „Serbian Times“.
Порталот се повикува на изјави од сведоци кои присуствувале на местото во моментот на убиството кои тврдат дека „мотивите за злосторството биле етничка омраза“.
Наводно, убиецот ден пред убиството се вработил во фирмата на сега убиениот Никола Мишовиќ, „Winners Freight“, а пред тоа работел како возач во фирмата „Форс“, чиј сопственик е Македонец и која се наоѓа во истата зграда.
Меѓутоа, поради многуте Срби кои ги среќавал во зградата, тој бил убеден дека фирмата е српска, а пред да пука во Никола викал по ходниците „Мразам Срби! Сите вие сте иста го**о“, пишува порталот повикувајќи се на изјави на сведоци кои биле во зградата за време на убиството.
Откако го убил Мишовиќ, тој не запрел, туку крвавиот пир го продолжил во компанијата „Форс“ од каде претходно е отпуштен и таму пукал во девојката која моментално е во болница.
Според порталот, повредената девојка (31) е од Северна Македонија и била погодена со три куршуми – во нога, рамо и рака. Таа е итно оперирана, лекарите успеале да ѝ ја спасат ногата, а и престои и операција на раката и лекување од психичките трауми. Таа, според порталот по потекло е Србинка од Скопје.
Инаку веднаш по пукањето, убиецот Џереми Спајсер побегнал од местото, но полицијата која го блокирала целиот кварт успеа да го пронајде во блиската уличка Медисон. Тој бил опколен и повикан да се предаде, но пред очите на полицајците се застрелал во главата.
Американските медиуми не излегоа со толку детали за убиството во Чикаго. Дури и за девојката објавија дека не знаат точно во каква здравствена состојба е, туку само информираа дека е пренесена на лекување во болница и дека не е критично повредена. Нејзиниот идентитет не беше споменат, туку само дека нејзината изјава би можело да ги разјасни случувањата во транспорната компанија во Бур Риџ.