Девојчето кое почина од птичји грип се заразило со мутирана варијанта на вирусот

by Fokus

Вирусот на птичји грип, изолиран од починатото девојче, имал мутации што го олеснувале прилагодувањето на вирусот кон човечките клетки, пренесува „Sky News“.

Се верува дека девојчето ја добило инфекцијата од кокошки што нејзиното семејство ги чувало на нивниот имот во Преј Венг, Камбоџа.

Нејзиниот татко исто така бил позитивен на вирусот Х5Н1, но не развил симптоми.

Д-р Ерик Карлсон, кој го предводеше тимот во институтот „Пастер“ во Камбоџа, ја декодираше генетската низа на вирусот кај девојчето и рече дека се разликува од примерокот земен од птиците.

„Постојат некои индикации дека вирусот поминал низ човек. Секој пат кога овие вируси ќе влезат во нов домаќин, тие ќе имаат одредени промени што ќе им овозможат малку подобро да се реплицираат или потенцијално малку подобро да се врзат за клетките во нашиот респираторен тракт“ – рече тој во интервју за „Sky News“.

Тој рече дека е малку веројатно дека мутациите се случиле внатре во девојчето, но веројатно постоеле во „облак од вируси“ со различни генетски промени кај птиците.

„Само влегувањето во нов домаќин им овозможува на тие еден или два вируси во тој облак да преживеат подобро и да станат доминантна популација“, рече тој.

Д-р Карлсон додаде дека вирусот допрва треба целосно да се прилагоди на луѓето.

„Сè уште е птичји вирус“, рече Карлсон.

Генетскиот материјал на вирусот е секвенциониран за само 24 часа со помош на технологија развиена од британската компанија „Оксфорд Нанопор“.

Се покажа дека вирусот 2.3.2.1c е варијанта на H5N1, кој е ендемичен за дивите птици и живината во Камбоџа, а не сојот 2.3.4.4b кој брзо се шири низ светот и почна да заразува некои цицачи.

Според податоците на Светската здравствена организација, досега во светот се регистрирани вкупно 873 лица заразени со Х5Н1, со 458 смртни случаи.

Но, засега нема докази дека вирусот лесно се шири меѓу луѓето.

Да потсетиме, девојче (11) почина во Камбоџа поради птичји грип. Ова е прва човечка инфекција со Х5Н1 во таа земја од 2014 година.

На девојчето од руралната југоисточна провинција Преј Венг му се слошило на 16 февруари и тоа било испратена на лекување во болница во главниот град Пном Пен.

Заразата беше дијагностицирана на 21 февруари, а девојчето имаше треска со кашлица и болки во грлото, па почина набрзо потоа, соопшти тамошното Министерство за здравство.

Поврзани новости