Девојче од божиќното видео на Зеленска убиено во ракетниот напад во украинска Виница

by fokus

Руските ракети кои го погодија украинскиот град Виница, вчера убија најмалку 20 луѓе, од кои три деца. Фотографија со детска количка во која била убиена четири-годишната Лиса Дмитријева, девојче со попреченост, а нејзината мајка, тешко ранета била пренесена во болница, го обиколи светот.

Денес, по повод настанот јавно се огласи Олга Зеленска, сопругата на украинскиот претседател, која откри дека го познавала убиеното девојче.
Тоа било дел од видео записот во кој учествувала и Зеленска, а бил снимен пред Божиќ. Станува збор за едукативно видео за подигање на свеста за различностите, а во истото учествуваат повеќе деца со Даунов синдром и церебрална парализа.

Под новогодишната елка, првата дама на Украина им носи подароци, а потоа децата заедно со неа ги бојат и цртаат лампионите.

-Ужаснати сме од фотографијата со превртената детска количка во Виница! Додека ги читав вестите, сфатив дека јас го познавам тоа девојченце! Нема да ги напишам сите зборови кои сакам да им ги кажам на оние кои ја убија! Ќе ви зборувам за Лиса – напиша Зеленска, објавувајќи го божиќното видео со децата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости