Добривое Илиевски, панкер и култен лик познат под прекарот Ружни, 19 години по смртта доби песна со посвета. Ја изведува ,,Глас” во состав од Бранко Шпљариќ – Паљач (од Чоканче) и Ѓокица Зафировски-Ѓоле (од Suns).
Како што раскажува Паљач за ,,Фокус”, помеѓу 1985-1995 година, се појавија многу нови рок групи кои почнаа да создаваат своја авторска музика.
Чоканче, Suns, Tорнадо, Last Expedition, Санаториум, Клержо, Канго, Берза, Океан Пацифик, Орион, Талични Том, Октавиан…
-Најчесто рок свирките беа организирани во Дом на млади, 25-ти Мај – Скопје. Тука сите се запознававме и се дружевме. Еве, после скоро 40 години се уште контактираме на сите континенти и се дружиме и создаваме нови песни.
Денес, за жал многу нешта се различни, а тоа е опишано во песната ,,Ружни” која е метафора на тоа време и е посветена на Добривое Илиевски – Ружни, 1968-2005 година- вели Паљач.
За панкерот Ружни, вели дека бил урбан лик од тоа време. Се запознале на свирките во Дом на млади и се дружеле на слични настани.
-Ружни еден период работеше како теренец во РЕК Битола, па и тука се дружевме. Кога ќе ме видеше во Скопје, ќе викнеше од некаде: Паљач… брат… Чоканче… абе кај си?
А јас ќе му вратев: Рууужжниии… абе кај си брат? шо има?…
Тој има свирено на тапани и со Ѓоле од Suns. Но, кон средината на 90-те години , многу од нас се најдовме на различни континенти, и после 30-40 години благодарејќи на тие настани се уште контактираме до ден денес.
Така во еден телефонски разговор со Ѓоле: кај е овој… кај е оној… шо прај овој… и.т.н… прашав и за Ружни. Тогаш Ѓоле ми кажа дека починал.
Од тогаш па наваму често ми се враќаше во мислите. И пред едно година и пол шетајќи кон центарот низ Скопје видов еден урбанистички неред, еден урбанистички идиотизам… многу убави објекти, фонтанчиња, паркчиња кои му даваа некој белег на градот се уништени или пропаѓаат. Ја нема ни коцката во центар. Тогаш ми дојде Ружни во главата. Ружни врати се и види го овој град, види го овој јад!
Нема повеќе Пролетери, за ништо гајле не се бери. Овде денес секој се боцка во центар, ја нема веќе нашата коцка! (Мермерната коцка во центарот беше место каде се собираа панкерите, а и многу други кои се дружевме. (Фотографијата од Ружни е баш на тоа место, кај коцката.) Ружни е метафора за сите нас од тоа време, а разликата е опишана во песната, раскажува музичарот.
Музиката, текстот и аранжманот на песната се на Бранко Шпољариќ – Паљач и Ѓокица Зафировски – Џоле. Вокалот е на Бранко, бас и гитари – Џоле, тапани – Андреј Анастасов – Еди, придружни вокали-Еди, Горан Наумовски – Ѕвер, Бранко, Џоле.
Тон сниматели се Сашо Ицановски – Паркет, Дарко Јаневски – Даре, Џоле Микс и мастерингот е на Студио Еукалиптус.
Од ,,Глас” се заблагодаруваат на Мирослав Тодоровски – Мирко за фотографијата за омотот и на Даниел Димитровски – Дани, за учеството во демо снимката.
Инаку, ова е четврти по ред сингл на ,,Глас”. Пред тоа ги снимија песните ,,Ново Време”, ,,Глас” и ,,Овде и Сега”.
Вики Клинчарова