Девет лица од Централна Азија беа уапсени денес во Германија и Холандија поради наводни планови за извршување напади во Германија и за собирање пари за групата Исламска држава, соопштија властите.
Седум мажи уапсени во Германија се обвинети за основање „домашна терористичка група“ и за поддршка на ИД, соопштија федералните обвинители.
Сите се познаваа долго време, имаа радикални исламски ставови и дојдоа во Германија повеќе или помалку истовремено од Украина набргу откако Русија ја започна својата целосна инвазија минатата година, тврдат обвинителите, објави АП.
Пред една година, осомничените наводно формирале група која имала за цел да изврши напади во Германија. Според обвинителите, групата била во контакт со членови на огранок на ИД активен во и околу Авганистан, провинцијата Хорасан на Исламска држава.
Нејзините членови ги проверуваа можните цели во Германија и се обидоа да набават оружје, но „немаше конкретен план за напад во моментот на денешното апсење“, се вели во соопштението на обвинителството.
Сите, освен еден од уапсените во Германија, собирале пари за ИД од април 2022 година и ги префрлале на групата, додаваат тие.
Во Холандија, јавното обвинителство соопшти дека 29-годишен Таџикистанец и неговата 31-годишна сопруга Киргистанка, кои живееле во земјата од ланиа, биле уапсени под сомнение дека „извршиле подготвителни дејствија за терористички дела. ” Мажот е осомничен и за членство во ИД.
Германското обвинителство соопшти дека мажот уапсен во Холандија припаѓал на групата формирана од другите осомничени.