Девет проценти од децата на возраст од 5 до 17 години имаат анксиозност

by Fokus

Околу девет проценти од децата на возраст од 2 до 17 години имаат функционални тешкотии во најмалку еден домен, според одговорите на нивните мајки/старатели. По домени на тешкотии девет проценти од децата на возраст од 5 до 17 години имаат анксиозност, додека два проценти страдаат од тага или депресија, покажува Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) на Државниот завод за статистика, спроведено во текот на 2018-2019 година, како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените.

Според истражувањето, поголем дел од децата во најсиромашните домаќинства доживуваат функционални тешкотии во кој било од домените, во споредба со нивните врсници во најбогатите домаќинства – 13 наспроти 4 проценти.

Истражувањето, исто така, покажува дека околу 10 проценти од децата на возраст од 2 до 17 години носат очила, додека помалку од 1 процент користат опрема или добиваат помош при одење.

Глобалната програма МИКС е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како меѓународна повеќенаменска програма за анкетирање на домаќинствата за поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.

Со истражувањето МИКС се мерат клучните индикатори кои им овозможуваат на земјите да создаваат податоци за креирање на политики, програми и национални планови за развој и да го следат напредокот кон целите за одржлив развој (SDG) и други меѓународни договори.

Техничката поддршка за истражувањето ја обезбеди Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), со финансиска поддршка од УНИЦЕФ, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Британската амбасада.

Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека Извештајот од истражувањето е објавен во мај 2020 година, но поради светската пандемија на Ковид-19, како и поради бројните обврски поврзани со Пописот 2021, не добил публицитет каков што заслужува и затоа, во периодот кој следува, ќе објавуваат инфографици со податоци и клучни поенти од извештајот, со кои, како што посочуваат, сакаат да ја претстават сликата за состојбата на децата и жените во Република Северна Македонија.

Поврзани новости