Во изминатото деноноќие на територијата на државата имало вкупно 43 пожари на отворено, од кои, како што соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК), девет сè уште се активни.
Од останатите, според информациите на ЦУК, четири се ставени под контрола, а 30 се изгаснати.
Пожарот кај селото Негрево, кај Пехчево, кој се закануваше да стигне и до градот, и понатаму е активен, а сè уште гори и во општина Старо Нагоричане, кај селата Малотино и Жегљане.
Активни се и пожарите кај селото Татомир во Кратовско, во општина Македонски Брод, односно кракот кон „Јасен“, потоа кај селата Горно и Долно Ѓуѓанци, Строиманци и Раченци во општина Свети Николе.
На територијата на Пробиштип, според утринскиот извештај на ЦУК, активни се два пожари. Едниот на потегот меѓу селата Зелениград и Јамиште, а другиот кај селата Стрисовци и Барбарево.
Пожарот кај селото Пласница во истоимената општина е проширен кон селото Латово на територијата на Македонски Брод, а активен е пожарот и кај селото Пресека во општина Кочани.
Според ЦУК, под контрола се пожарите на Илиниска Планина кај Демир Хисар, кај селата Главовица и Пониква во Кочанско и два пожари на територијата на Свети Николе – кај селото Орел кон село Мездра, и кај селото Ерџелија.
Утрово заседава Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, под раковдство на директорот Стојанче Ангелов, а на кој, како што информираа оттаму, присутна е и офицерката за врски на механизмот на Европската Унија за цивилна заштита, Клер Ковалецки.