Девет македонски туристи од Велес кои биле во Израел се евакуирани со помош на Албанија

by Fokus

По вчерашниот напад на Хамас во јужниот дел на Израел, бројни македонски граѓани се јавиле во амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив барајќи евакуација и засолниште.

Денеска, девет туристи од Велес се евакуирани во комуникација со албанските власти, и наскоро тие се очекува да слетаат на аеродромот во Тирана, од каде со организиран транспорт ќе бидат префрлени дома.

„Претходно, седум наши државјани, туристи кои беа затечени во Витлеем, успешно ја поминаа границата со Јордан, каде беа прифатени од нашата почесна конзулка; сега се на безбедно и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома. Утрово, четворочлено семејство затекнато во Тел Авив, преку комерцијален лет се упати кон Истанбул, од каде исто така ќе го продолжи патувањето кон дома“, се наведува во соопштението на МНР.

Амбасадата во Тел Авив останува во контакт со сите останати наши државјани кои се имаат пријавено и побарале асистенција при нивното напуштање на Израел. Меѓу нив се и 11 градежни работници кои се затечени во Рамала (Западен Брег).

Според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, кои МНР очекува да се пријават, или да бидат пријавени од нивните блиски во контакт центрите.

За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378

Поврзани новости