Денеска се „заокружуваат“ девет години од 24 декември 2012 година – денот кога пратениците од социјалдемократските редови, тогаш во опозиција, беа исфрлени од собраниската сала, заедно со новинарите во галеријата, кога се носеше Буџетот за 2013 година.
До денес никој не понесе одговорност ниту пак се расветлија инцидентите во Парламентот кога од собраниската сала беа исфрлени тогашните опозициските пратеници, но и новинарите кои на денешен ден во 2012 година ја следеа седницата за буџетот.
Тогашната опозиција предводена од СДСМ, инцидентот го прогласи за крај на демократијата во државата.
За тогашната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, пак, тоа беше обид за државен удар. На дневен ред тогаш пред пратениците беше Буџетот за 2013.
СДСМ се противеше со образложение дека буџетот е неразвоен и со високи трошоци за нови проекти од „Скопје 2014“. По повеќе од илјада неприфатени амандмани, партијата обвини дека процедурата за носење на буџетот е целосно нарушена и почна бојкот.
Црниот понеделник заврши со мартовскиот договор, под будното око на меѓународбата заедница.
Во Клубот на пратениците следната 2013 година Ад хок комисијата го потпиша извештајот. Свои потписи ставија претседателот на комисијата Борче Давитковски и нејзините членови од ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски и Благородна Дулиќ и од СДСМ Љубомир Фрчкоски и Рената Десковска Треневска.
Од ВМРО ДПМНЕ велат, секој кој се огрешил пред законите треба да одговара и треба да се престане со политиканството и со користењето на празна реторика.
Се уште останува дилемата дали ако се имплементираа единаесетте препораки содржани во извештајот за настаните од 24 декември -немаше да се случи крвавиот четврток на 27 април. Црниот понеделник беше запишан и во извештаите на меѓународната заедница.
Случајот стигна и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде тужби поднесоа новинарите, против кршење на слободата на изразување, а судот пресуди во нивна корист.
Актуелното раководство на СДСМ порачува дека ВМРО-ДПМНЕ не се променила, а на овој ден токму Зоран Ставревски е тој што ги исфрлил од Собрание, а денеска е раководител во ВМРО-ДПМНЕ.
С.Т.