Девет години „Лице в лице“ во служба на вистината, вредностите и на подоброто општество

by Fokus

Со кампањата „Проверувај, па верувај“, која започнува денес со излегување на новото 47.издание на „Лице в лице“, ја одбележуваме 9-тата година на постоење на списанието за одржлив развој.

– Ви благодариме што овие 9 години бевте наши партнери во создавањето  општество со еднакви можности за сите. Овој пат, во рамки на одбележување на  деветгодишнината, преку новиот број на „Лице в лице“  сакаме да дадеме свој придонес кон спречување на дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза, нудејќи контранаративи на овие негативни предизвици на новото доба – велат од тимот на „Лице в лице“.

„Лагата веќе го обиколува светот, додека вистината ги обува чевлите“, е мотото кое го носи 47. издание на „Лице в лице“. Кампањата започна во Струга, каде граѓански организации, медиумски работници, млади луѓе – волонтери и ученици, претставници на институции и локална самоуправа, учествуваа во кокреирањето на содржините за ова издание.

„Лице в лице“ со овие активности ја носи свесноста за дигиталните комуникациски технологии, кои драматично го променија нашиот однос кон содржината, изворот и пренесувањето на информациите. Бројните медиумски содржини и онлајн живеење, не нè направија отпорни и способни за препознавање на лажните вести и говорот на омраза, па многумина се мета на лажни вести и говор на омраза. Оттука, потребно е да работиме на свесност и совесност, уште во образовниот процес.
– Овој број е посветен на свеста за заканата што ни доаѓа од забавните и оттаму, навидум,  пријателски содржини на кои секој ден се изложуваме. Закани што нè покануваат да го активираме алармот на свесниот граѓанин што се грижи за својата „дигитална добросостојба“, тој што знае да ги користи и да ги владее новите технологии за тие да не завладеат со него, а со тоа и со иднината на општеството и на планетата – вели Климентина Илијевски, главна уредничка на „Лице в лице“ и извршна директорка на „Паблик“, издавач на списанието.

Со новото издание (достапно на овој линк), ставаме посебен акцент на говорот на омраза кон луѓето со интелектуална попреченост, кон луѓето со вишок килограми, но, и кон различностите генерално. Беа активирани млади лица во Струга, со кои, под авторство на фотографката Кристина Затуровска, креираа фотографии кои го илустрираат секојдневието на млад човек, преплавен со (дез)информации, а беа креирани и фотоприказни за односот на граѓаните кон луѓето со попреченост и за говорот на омраза насочен кон нив.

Поврзани новости