Девет деца се хоспитализирани денеска по истекување на хлор во базен во западен Лондон, соопшти лондонската здравствена служба (ЛАС).
Медицински тим бил повикан во спортскиот центар Вале Фарм во Садбери, а 11 лица, меѓу кои девет деца, добиле медицинска помош на местото на настанот, по што сите биле пренесени во болница, изјави портпаролот на ЛАС, пренесе Би-би-си.
Повеќето пациенти немаат сериозни последици, но три деца можеби ќе треба да подлежат на дополнителни тестови.
На лице место, припадниците на лондонската противпожарна бригада извршија увид во зградата каде е откриено истекување на хлор во базенот на приземјето на трикатната зграда.
„Околу 150 луѓе ја напуштија зградата пред пристигнувањето на бригадата“, соопштија од противпожарната служба.
Портпаролот на полицијата изјави дека спортскиот центар е превентивно евакуиран.
Менаџерот на компанијата која стопанисува со спортскиот центар, Крис Вилијамс изјави дека се спроведува целосна истрага за причината за истекувањето и дека ќе се спроведат неопходните мерки за да не се повторат слични настани.
Базенот ќе биде затворен до понатамошно известување, изјави локалниот претставник.