Јован Андреески, 12-годишно момче од Охрид, моментално е на лекување во приватната болница Систина, и му е потребна помош од хуманите граѓани. Од весел тинејџер, кој заминал на први август со семејството на плажа во Охрид, животот на Јован за неколку секунди сосема се променил, од невината детска игра до животозагрозувачка состојба.
Како што појаснува Никола, таткото на Јован, несреќата се случила во моментот кога тој од мал мост скокнал во езерото. Водата била плитка, и завршил со тешка повреда, односно со скршен петти вратен пршлен.
-Се случи многу бргу, дотрчаа луѓе да помогнат, животот на нашето беше загрозен, тој не можеше да диши поради повредата. Имаше премногу народ поради празничниот викенд, многу возила, сите се растргнаа за да помине возилото на брзата помош, лекарските екипи максимално се ангажираа. Бидејќи стануваше збор за крајно сериозна состојба, во која секоја секунда е важна, беше одлучено од охридската болница, Јован да биде веднаш препратен во Скопје. Нашите лекари беа во комуникација со нивни колеги од Скопје, решивме да заминеме во приватната болница Систина поради лекарската екипа која беше на располагање таму, но и секако поради сериозноста на повредата – раскажува таткото.
Вели дека Јован бил итно опериран, интервенцијата била тешка и сериозна. Последици од повредата се одземеност на нозете и рацете, како и проблеми со дишењето. Лекувањето во приватната болница веќе ја надминало сумата од 20.000 евра, а секој нов ден минат во болницата изнесувал 550 евра. Поради тоа, родителите замолија за помош од хуманите граѓани во обезбедувањето на овие средства.
Помеѓу првите кој се понуди финансиски да му олесни на семејството е Зоран Ногачески, градоначалникот на Општина Дебрца. За ,,Фокус” тој вели дека ќе предложи до Советот на општината, да се одвојат парични средства од буџетот за лекувањето на Јован.
-Според законските регулативи, ние можеме да одвоиме сума од околу 30.000 денари, не би можеле да го покриеме целото лекување. Но, ова нека биде поттик за останатите граѓани и општествено одговорни фирми да се вклучат во хуманата мисија, бидејќи на семејството Андреески сега му е најпотребна помош – ни изјави Ногачески.
По објавата на апелот за помош на социјалните мрежи, можеа да се забележат реакции на граѓаните, во кои се поставува прашањето зошто државата не го покрие лекувањето на Јован.
Министерот за здравство Венко Филипче за ,,Фокус” вели дека и покрај тоа што родителите во моментот по несреќата заминале во приватна клиника, Јован може да ја продолжи рехабилитацијата во јавното здравство, бидејќи и во минатото имале слични случаи.
-Стоиме на располагање за семејството во секое време. Често се случуваат повреди од овој тип, посебно во летниот период, имаме искуство во областа и ќе направиме се што е во наша можност доколку родителите решат да го продолжат лекувањето кај нас – ни изјави министерот.
Никола, таткото на младото момче, вели дека е свесен како им престои долг период на рехабилитација.
-Да завршиме со процесот овде, во Систина, па ќе видиме што понатаму. Јасно ни е дека рехабилитацијата ќе биде долга, не знаеме дали ќе продолжиме овде или пак ќе имаме потреба од услугите на специјализирани клиники во странство. Во овие моменти ни е најважно Јован да биде добар, имавме трауматично искуство и не чека долг пат. Им се заблагодарувам на сите кои понудија своја помош, на сите хумани граѓани кои донираат и ни ја даваат својата поддршка – изјави Андреевски.
Хуманите граѓани и општествено одговорните компании можат да донираат на следните телефонски броеви и жиро сметки:
Броеви за донација:
A1 – 143 460
Телеком – 143 117
Хуманитарна жиро сметка: 210 – 700000666623 НЛБ Банка (донации од Македонија)
Девизна хуманитарна жиро сметка: МК07210501751597434, SWIFT TUTNMK22 (донации од странство)
Вики Клинчарова