Влатко СТОЈАНОВСКИ
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираше дека по спроведена сеопфатна истражна постапка денеска до основниот кривичен суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт против едно лице и обвинителен предлог против едно правно лице и 3 физички лица, во врска со изградбата на новиот културен дом во Тетово, каде треба да бидат сместени театар и библиотека. Како што велат од Обвинителството, обвинетите за злоупотреба на службена положба и постапка за јавен повик, со преземените дејствија, овозможиле имотна корист за правно лице во износ од 832.983.064 денари или 13,5 милиони евра.
„Во периодот од 2014 до 2020 година во Тетово, првообвинетиот С.Ш., како сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово, заедно и по претходен договор со третообвинетиот Х.Ф., тогашен директор на Националната установа Центар за култура „Иљо Антески-Смок”-Тетово, и со четвртообвинетиот А.А., претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и в.д. директор на центарот за култура, свесно ги изигрувале прописите и правилата на постапката за доделување на договорот за јавна набавка и ја злоупотребиле својата службена положба и овластување.
Со дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, обвинетите за второбвинетото правно лице оствариле имотна корист од големи размери во износ од 832.983.064 денари. Искористувајќи исти прилики преземале повеќе временски поврзани дејствија на прифаќање усогласени понуди, времени и завршни ситуации со кои целосно бил променет предметот на договорот што се намалил од договорените 22 позиции и завршување на објектот до фаза „клуч на рака“, во завршување на само 4 позиции во фаза „затворена карабина“, без притоа да има одобрен проект за истото.
Воедно, ја зголемувале вредноста на проектот, а за да ја оправдаат склучиле 12 анекси на договорот, со што бил исплатен износ за 138.488.064 денари повеќе од првично договореното и од предвидените материјални средства за таа намена. Со така склучените анекси, иако постапката била неделива, го поделиле и го измениле предметот на склучениот договор од фаза „клуч на рака“ во фаза-затворена карабина и на тој начин овозможиле во иднина да се водат 2 нови постапки за јавни набавки и да се доделуваат нови договори за доградба-втора фаза, со што овозможиле корист за потенцијалните економски оператори во дополнителните постапки.
Во 2018 и 2021 година спровеле нови постапки за јавни набавки-едната за изработка на проектна документација фаза ентериер за објект во изградба, и втората со предмет на договор-втора фаза за изградба на нов објект за Театар и библиотека Тетово. Со склучувањето на нови договори во вкупен износ од 1.345.917.098 денари без ДДВ извршиле процентуално надминување на вредноста на основниот договор со зголемување од 93 проценти од договорената цена со основниот договор која изнесувала 694.495.000 денари без ДДВ.
Дополнително, со неизвршување на законските обврски за евидентирање и пријавување на даночни обврски и поради тоа што не изготвиле основен проект на изменета состојба, на штета на Буџетот на РСМ од средствата дополнително одобрени и наменети за проект и јавна набавка на ентериер за театарот, се задолжени и се исплаќаат значителни износи од 232.699.289 денари за данок на ДДВ, кој навремено не го евидентирале и пријавиле и од кој би биле ослободени.
Петтообвинетиот Б.М. како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015-2020 година, искористувајќи исти прилики, преземал повеќе временски поврзани дејствија на пропуштање должен надзор и на друг начин очигледно несовесно постапувал при вршење на неговите посебни овластувања.
Тој ги потпишувал градежните дневници и книги со количини според основниот проект, овозможил да бидат потпишувани анекси на договори врз основа на претходно доставени времени и завршни ситуации и да биде извршен технички прием на објектот Театар и Библиотека Тетово, иако одредбите од Законот за градење претходно требало да биде изготвен Проект на изведена состојба врз основа на новата состојба на објектот со нови количини, а имајќи предвид дека конструктивниот систем бил целосно сменет, со нов проект требало да се бараат нови конструктивни и статички анализи на објектот.
Како резултат на тоа што не бил изготвен Проектот на изведена состојба и немало решение за одобрување на измените што би било составен дел од одобрението за градење, не бил изготвен и Проект за употреба и одржување, па така објектот не може да се запише во јавните книги на недвижности. Со ваквите дејствија потешко ги повредил правата на НУЦК „Иљо Антески Смок“-Тетово, Министерство за култура и туризам.
Според деталниот опис содржан во диспозитивот на обвинението, првообвинетиот С.Ш. и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в од Кривичниот законик. Обвинетите Х.Ф. и А.А. сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353“, стои во соопштението на ЈО.
„Фокус“ пред една година ја истражуваше изградбата на новиот културен дом во Тетово, каде всушност треба да бидат сместени театар и библиотека. Притоа, нашето истражување кон крајот на ланската 2023 година откри дека се води истрага за тендерот за изградба на објектот според менуван проект, додека надзорот бил ангажиран за багатела. Покрај тоа, во постапката за опремување била елиминирана конкуренцијата од странство, па така во игра останале 2 тетовски компании, кои одржале безмалку симболична лицитација.
„Откако Финансиската полиција запленила документација за тендерот за изградба на новиот културен дом во Тетово од страна на „Урбан План Констурктион“ за 13 милиони евра, во ситуација на менуван проект и надзор ангажиран за багатела, бил склучен нов договор со уште една тетовска компанија – „НБ-Цомпану“, која ја добила зделката за опремување на објектот вредна 23 милиони евра, откако претходно била елиминирана конкуренцијата од странство, вклучително и реномираната австриска фирма „Штрабаг“, по што се одржала симболична аукција, пишуваше тогаш „Фокус“ врз основа на документацијата и податоците што ги обезбеди.
ШТО ТОЧНО ОБЈАВИ „ФОКУС“?
Во далечната 2014 година беше удрен камен-темелник за изградба на нов објект со театар, кино и библиотека во Тетово. Иако првично беше најавено дека објектот ќе биде готов за 3 години и ќе чини 13 милиони евра, сепак, десетина години подоцна проектот се уште не е комплетиран, а последниот рок кога тоа треба да се случи беше поставен на крајот на 2025 година.
Инаку, 13 милиони евра е сумата само на склучениот договор во 2014 година за градежно-занаетчиски работи, бидејќи неколку години подоцна, односно во 2021 година, се склучува уште повреден договор од 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот. Дополнително, овој проект „изеде“ државни средства и за изработка и дополнување на проектот, ангажирање надзор, па кога ќе се собере сето тоа произлегува дека овој сѐ уште недовршен објект надминува 36 милиони евра.
Понатаму, нашето истражување откри дека се води истрага за тендерот за изградба на објектот според менуван проект, додека надзорот бил ангажиран за багатела. Покрај тоа, во постапката за опремување била „исчистена“ конкуренцијата од странство по што 2 тетовски компании одржале безмалку симболична лицитација. Имено, за реализација на овој проект парите ги дава Владата преку Министерството за култура, додека сите постапки се спроведуваат преку Национална установа-Центар за култура „Иљо Антески Смок“, главен носител на културните активности во Тетово.
Според документацијата што ја обезбедивме, во 2012 година „Н.У.Ц.К „Иљо Антески Смок“ склучува договор со тетовското друштво „Архинг Гроуп“ за „изработка на техничка документација“, во вредност од 442 илјади евра. Ревизијата на проектот, пак, ја правел „Градежен институт Македонија АД“ за сума од околу 44 илјади евра. Токму тендерите за проектант и ревидент во 2012 година (заедно со тендерот за изведба од 2014) се меѓу постапките за кои нема објавено никакви информации на Бирото за јавни набавки, ниту некакви податоци ни доставија од „Иљо Антески Смок“, од причина што документацијата е одземена од Финансиска полиција со записник изготвен во 2018 година.
Во меѓувреме, односно во 2015 година, културниот центар склучил договор и со „Бесиан Мехмети Архитецтс“ на архитектот Бесиан Мехмети за измени и дополнувања на проектната документација, во вредност од 73.000 евра. За разлика од другите, овој договор е склучен по пат на преговори, без објавување оглас. По барање на инвеститорот, направена е минимизација на првично проектираниот објект, во габарит и во избор на материјали и опрема за изведба на објектот, со цел да се намали инвестиционата вредност, така што минимизираниот објект сега е со катност, подрум, ниво -1 и -2, сутерен, приземје, кат 1 и кат 2 – кров, чија вкупна бруто-површина изнесува 26.382 квадратни метри.
Една година претходно, во 2014 година, културната установа успешно спроведува тендерска постапка за избор на изведувач на градежно-занаетчиски работи за нов објект по принципот „клуч на рака“. Овој договор вреден 13 милиони евра го добива тетовската градежна компанија „Урбан План Конструктион“ основана во 2002 година, чиј сопственик е Сејди Шахсивари. Додека го градела објектот на новиот културен дом во Тетово, во периодот од 2014 до 2019 година, надзор вршела „Мегарон Инжинеринг“ на Бујар Муча. За таа цел, оваа скопска компанија, во 2015 година склучила договор во вредност од нецели 2 милиони денари, додека проценетата вредност на јавната набавка била 9,4 милиони денари.
Записникот од отворањето на понудите и извештајот од електронската аукција со кои располагаме откриваат дека на тендерот за надзор учествувале 6 компании, меѓу кои „Градежен институт Македонија АД“, „Завод за испитување материјали и развој на нови технологии „Скопје АД“, германските „Геинг“ и „Диви“, скопската „Евро Консалтинг“. Во секој случај, овој договор завршува кај „Мегарон Инжинериг“, која од 7.785.000 денари, колку што изнесувала првичната понуда, на крај ја добива зделката со најниска понуда од 1.635.000 денари без ДДВ. Тоа било резултат на маратонско наддавање меѓу „Мегарон“ и „Скопје АД“, кои воделе битка да го добијат тендерот по секоја цена, откако останатите се откажале на сума од 4 милиони денари.
Патем речено, истата фирма во 2018 година го добила и тендерот вреден 4,5 милиони денари за изработка на проектна документација за внатрешно уредување, иако, како што велат од проектантот „Архинг Гроуп“, кога го правеле првичниот проект за објектот во партнерство со „Светлост Театар“ од Белград, српската фирма го проектирала ентериерот?! Како и да е, во 2021 година, „Иљо Антески Смок“ спроведува тендерска постапка и избира компанија што ќе ја реализира втората фаза од проектот. Изборот паднал врз уште една позната тетовска градежна компанија – „НБ-Цомпану“, основана во 2007 година од страна на Бурим Ибиши и Насер Ибиши.
На денот кога било закажано отворање на понудите, настапиле 4 компании – 2 странски и 2 домашни, поточно од Тетово. Двете странски фирми воопшто не ја минале фазата на евалуација, односно биле дисквалификувани. На аукција заминале двете тетовски компании, кои, пак, одржале безмалку симболично наддавање. Една од странските фирми била албанската „Пе-Вла-Ку“, за која пошироката јавност дозна по обелоденувањето на случајот со купувањето на деловниот центар „Соравиа“, каде што беше вмешан и внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети – Дрин Ахмети. Како што е познато, тој го купи атрактивниот објект во центарот на Скопје, во партнерство со „Пе-Вла-Ку“ без да вложи ниту денар.
На тендерот за опремување на новиот тетовски културен дом, „Пе-Вла-Ку“ настапил во конзорциум со „Урбан План“, која го изгради објектот. Сепак, нивната понуда била отфрлена поради формални недостатоци. Поточно, Комисијата за јавни набавки оценила дека гаранцијата може да се дава само во форма на банкарска гаранција, а не „понудувачот самиот да избира каков вид гаранција ќе поднесе“. Во рамки на тендерот за ентериерно уредување учествувала уште една странска компанија.
Станува збор за „Штрабаг АГ“, која важи за најголема австриска градежна компанија и една од највлијателните и најреномирани во овој сектор во цела Европа. Ниту ваквиот статус, ниту бројните референци не биле доволни за „Штрабаг“ да „преживее“ на тендерот. За разлика од останатите понудувачи, „Штрабаг“ не настапил со конзорциум, но пријавил поддршка од „Страбаг АГ-Подружница Скопје“, „Алпине-Проект“, „Марел Инженеринг“ и „Монтимпекс-Инженеринг“. Но, токму деловно-техничката соработка со овие компании му „пресуди“ на „Штрабаг“.
Како што оценила Комисијата, австрискиот гигант не доставил документи за субјектите со кои соработувал во смисла на исполнети услови и причини за исклучување од постапката. Во таков случај, евалуацијата ја минале само 2 компании, меѓу кои и „АК-Инвест“, уште една позната тетовска градежна компанија, основана во 2005 година, во сопственост на Азби Ибрахими. Така, на лицитација отишле „АК-Инвест“ и „НБ-Цомпану“ со првичните понуди како стартни позиции. Во случајов, тоа требало да бидат 1.197.885.392, односно 1.227.813.262 денари, кои биле поднесени при отворањето на понудите. Меѓутоа, Комисијата побарала објаснување од двете тетовски компании за невообичаено ниските цени.
Потоа, била извршена корекција на понудите. Практично, тоа е направено со т.н. исправање на аритметичка грешка, по што првичната понуда на „АК-Инвест“ од 1.197.885.392 станала 1.207.195.618 денари, а понудата на „НБ-Цомпану“ од 1.227.813.262 станала 1.230.545.077 денари. Со новите цени, тие стартувале на електронска аукција, на која „НБ-Цомпану“ веднаш ја спуштил цената на 1.205.988.423 денари. Следно, „АК-Инвест“ намалил на 1.204.781.228 денари, по што „НБ-Цомпану“ реагирал со понуда од 1.203.574.033 денари. Тоа била и конечна цена.
Откако ја објавивме сторијата, на Фејсбук се огласи тогашниот вицепремиер Артан Груби, кој моментално е осомничен во случајот „Лотарија“ и се наоѓа во бегство. Тогаш, Груби на Фејсбук напиша: „Напредува процесот на изградба на објектот на Театарот и Библиотеката во Тетово. Изградбата на дел од фасадата е завршена, а работите од втората фаза продолжуваат со соодветната динамика. За време на овој мандат успеавме да ги отстраниме многу од претходните пречки и веќе обезбедивме конзистентен работен процес за квалитативно завршување на овој капитален проект“.
Истовремено, добивме одоговор од Министерството за култура, преку кое Владата ги префрлува средствата за изградба на објектот. Од таму не информираа дека досега за изградба на нов објект во Тетово кој ќе биде наменет за театар и библиотека издвоени се вкупно 1,335 милијарди денари или 21,7 милиони евра од буџетот. Од таму посочија дека се работи за еден од приоритетните капитални инвестиции.
„Проектот се спроведува од страна на НУ Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, и како инвеститор на овој објект врши увид и контрола на реализацијата и динамиката на проектот. Од информациите кои редовно ги добива Министерството, од следењето на реализацијата на Инвеститорот, доставува Информации до Владата. Според задолжението од Владата за реализација на договорот, истиот треба да заврши до 2026 година“, велат од Култура.
Уште тогаш се обративме и до Обвинителството, од каде, пак, ни одговорија дека надлежен јавен обвинител кој постапува по предметот, откако го проучил доставеното економско вештачење, донел наредба за дополнување, за што имало доставено и ургенции. Патем, од таму посочија дека по добивањето на овој неопходен документ ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука.
Пред неколку дена, „Фокус“ официјално се обрати до ЈО, со прашање дали/каква јавнообвинителска одлука е донесена во врска со изградбата на новиот Дом на култура во Тетово (театар и библиотека), за што пред една година не известија дека јавен обвинител го проучувал економско вештатање и побарал негово дополнување? Досега, од таму не добивме одговор, но Обвинителството преку соопштение извести дека обвинение заработија 4 физички лица и една приватна компанија за изградбата на објектот во Тетово.
Освен што пишувавме за реализацијата на овој проект, објавивме и второ продолжение на сторијата со наслов: „Откако тетовската „НБ-Компани“ доби милионски тендер за опремување на новиот културен дом, сестринската „Ган-Логистик“ купи бензински од семејни фирми на пратеник!“. Поточно, додека тетовската „НБ-Компани“, или во оригинал „НБ-Цомпану“, го реализираше договорот за внатрешно уредување на новиот културен дом во Тетово вреден 23 милиони евра, сестринската „Ган-Логистик“ купила 2 бензински станици при влез во Скопје за 7,5 милиони евра. Податоците со кои располагаме покажуваат дека имотот е купен од „Пуцко Петрол“ и „БИ Холдинг“, кои се поврзуваат со пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски.