Во далечната 2014 година беше удрен камен-темелник за изградба на нов објект со театар, кино и библиотека во Тетово, кој не е завршен една деценија подоцна. Овој договор вреден 13 милиони евра го доби тетовската „Урбан План Конструктион“, која ја завршила градбата во 2019 година, откако претходно проектот претрпел измени. За овие постапки, истрага води Финансиската полиција. Надзорот над градбата, пак, бил ангажиран за 4 пати пониска цена од проценетата вредност на зделката. Во 2021 година склучен е и договор за внатрешно уредување за 23 милиони евра, кој го добил уште една тетовска компанија – „НБ-Цомпану“, откако странските „Пе-Вла-Ку“ и „Штрабаг“ биле елиминирани, а домашната „АК-Инвест“ не пружила жестока битка на електронската аукција.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Најновиот број на неделникот „Фокус“ објавува истражување за новиот културен дом во Тетово, кој почна да се гради во 2014 година, со најава дека ќе биде готов за 3 години и ќе чини 13 милиони евра. Меѓутоа, десетина години подоцна, овој проект се уште не е комплетиран, а последниот рок кога тоа треба да се случи е поставен на крајот на 2025 година.
Инаку, 13 милиони евра е сумата само на склучениот договор во 2014 година за градежно-занаетчиски работи, бидејќи неколку години подоцна, односно во 2021 година, се склучува уште повреден договор од 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот.
Дополнително, овој проект „изеде“ државни средства и за изработка и дополнување на проектот, ангажирање надзор итн. Па, кога ќе се собере сето тоа, произлегува дека овој сѐ уште недовршен објект, кој се гради веќе цела деценија, надминува 36 милиони евра.
Притоа, истражувањето на „Фокус“ открива дека се води истрага за тендерот за изградба на објектот според менуван проект, додека надзорот бил ангажиран за багатела. Покрај тоа, во постапката за опремување била „исчистена“ конкуренцијата од странство по што 2 тетовски компании одржале безмалку симболична лицитација.
Имено, за реализација на овој проект парите ги дава Владата преку Министерството за култура, додека сите постапки се спроведуваат преку Национална установа – Центар за култура „Иљо Антески Смок“, главен носител на културните активности во Тетово.
Според документацијата што ја обезбедивме, во 2012 година „Н.У.Ц.К „Иљо Антески Смок“ склучува договор со тетовското друштво „Архинг Гроуп“ за „изработка на техничка документација“, во вредност од 442 илјади евра. Ревизијата на проектот, пак, ја правел „Градежен институт Македонија АД“ за сума од околу 44 илјади евра.
Токму тендерите за проектант и ревидент во 2012 година (заедно со тендерот за изведба од 2014) се меѓу постапките за кои нема објавено никакви информации на Бирото за јавни набавки, ниту некакви податоци ни доставија од „Иљо Антески Смок“, од причина што документацијата е одземена од Финансиска полиција со записник изготвен во 2018 година.
Во меѓувреме, односно во 2015 година, културниот центар склучил договор и со „Бесиан Мехмети Архитецтс“ на архитектот Бесиан Мехмети за измени и дополнувања на проектната документација, во вредност од 73.000 евра. За разлика од другите, овој договор е склучен по пат на преговори, без објавување оглас.
По барање на инвеститорот, направена е минимизација на првично проектираниот објект, во габарит и во избор на материјали и опрема за изведба на објектот, со цел да се намали инвестиционата вредност, така што минимизираниот објект сега е со катност, подрум, ниво -1 и -2, сутерен, приземје, кат 1 и кат 2 – кров, чија вкупна бруто-површина изнесува 26.382 квадратни метри.
Една година претходно, во 2014 година, културната установа успешно спроведува тендерска постапка за избор на изведувач на градежно-занаетчиски работи за нов објект по принципот „клуч на рака“. Овој договор вреден 13 милиони евра го добива тетовската градежна компанија „Урбан План Конструктион“ основана во 2002 година, чиј сопственик е Сејди Шахсивари.
Додека го градела објектот на новиот културен дом во Тетово, во периодот од 2014 до 2019 година, надзор вршела „Мегарон Инжинеринг“ на Бујар Муча. За таа цел, оваа скопска компанија, во 2015 година склучила договор во вредност од нецели 2 милиони денари, додека проценетата вредност на јавната набавка била 9,4 милиони денари.
Записникот од отворањето на понудите и извештајот од електронската аукција со кои располагаме откриваат дека на тендерот за надзор учествувале 6 компании, меѓу кои „Градежен институт Македонија АД“, „Завод за испитување материјали и развој на нови технологии „Скопје АД“, германските „Геинг“ и „Диви“, скопската „Евро Консалтинг“.
Во секој случај, овој договор завршува кај „Мегарон Инжинериг“, која од 7.785.000 денари, колку што изнесувала првичната понуда, на крај ја добива зделката со најниска понуда од 1.635.000 денари без ДДВ. Тоа било резултат на маратонско наддавање меѓу „Мегарон“ и „Скопје АД“, кои воделе битка да го добијат тендерот по секоја цена, откако останатите се откажале на сума од 4 милиони денари.
Патем речено, истата фирма во 2018 година го добила и тендерот вреден 4,5 милиони денари за изработка на проектна документација за внатрешно уредување, иако, како што велат од проектантот „Архинг Гроуп“, кога го правеле првичниот проект за објектот во партнерство со „Светлост Театар“ од Белград, српската фирма го проектирала ентериерот?!
Како и да е, во 2021 година, „Иљо Антески Смок“ спроведува тендерска постапка и избира компанија што ќе ја реализира втората фаза од проектот. Изборот паднал врз уште една позната тетовска градежна компанија – „НБ-Цомпану“, основана во 2007 година од страна на Бурим Ибиши и Насер Ибиши.
На денот кога било закажано отворање на понудите, настапиле 4 компании – 2 странски и 2 домашни, поточно од Тетово. Двете странски фирми воопшто не ја минале фазата на евалуација, односно биле дисквалификувани. На аукција заминале двете тетовски компании, кои, пак, одржале безмалку симболично наддавање.
Една од странските фирми била албанската „Пе-Вла-Ку“, за која пошироката јавност дозна по обелоденувањето на случајот со купувањето на деловниот центар „Соравиа“, каде што беше вмешан и внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети – Дрин Ахмети. Како што е познато, тој го купи атрактивниот објект во центарот на Скопје, во партнерство со „Пе-Вла-Ку“ без да вложи ниту денар.
На тендерот за опремување на новиот тетовски културен дом, „Пе-Вла-Ку“ настапил во конзорциум со „Урбан План“, која го изгради објектот. Сепак, нивната понуда била отфрлена поради формални недостатоци. Поточно, Комисијата за јавни набавки оценила дека гаранцијата може да се дава само во форма на банкарска гаранција, а не „понудувачот самиот да избира каков вид гаранција ќе поднесе“.
Во рамки на тендерот за ентериерно уредување учествувала уште една странска компанија. Станува збор за „Штрабаг АГ“, која важи за најголема австриска градежна компанија и една од највлијателните и најреномирани во овој сектор во цела Европа. Ниту ваквиот статус, ниту бројните референци не биле доволни за „Штрабаг“ да „преживее“ на тендерот.
За разлика од останатите понудувачи, „Штрабаг“ не настапил со конзорциум, но пријавил поддршка од „Страбаг АГ-Подружница Скопје“, „Алпине-Проект“, „Марел Инженеринг“ и „Монтимпекс-Инженеринг“. Но, токму деловно-техничката соработка со овие компании му „пресуди“ на „Штрабаг“.
Како што оценила Комисијата, австрискиот гигант не доставил документи за субјектите со кои соработувал во смисла на исполнети услови и причини за исклучување од постапката. Во таков случај, евалуацијата ја минале само 2 компании, меѓу кои и „АК-Инвест“, уште една позната тетовска градежна компанија, основана во 2005 година, во сопственост на Азби Ибрахими.
Така, на лицитација отишле „АК-Инвест“ и „НБ-Цомпану“ со првичните понуди како стартни позиции. Во случајов, тоа требало да бидат 1.197.885.392, односно 1.227.813.262 денари, кои биле поднесени при отворањето на понудите. Меѓутоа, Комисијата побарала објаснување од двете тетовски компании за невообичаено ниските цени.
Потоа, била извршена корекција на понудите. Практично, тоа е направено со т.н. исправање на аритметичка грешка, по што првичната понуда на „АК-Инвест“ од 1.197.885.392 станала 1.207.195.618 денари, а понудата на „НБ-Цомпану“ од 1.227.813.262 станала 1.230.545.077 денари.
Со новите цени, тие стартувале на електронска аукција, на која „НБ-Цомпану“ веднаш ја спуштил цената на 1.205.988.423 денари. Следно, „АК-Инвест“ намалил на 1.204.781.228 денари, по што „НБ-Цомпану“ реагирал со понуда од 1.203.574.033 денари. Тоа била и конечна цена.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.