Додека во австриските затвори на малолетните лица сторители на прекршоци им се нудат продолжување на образовниот процес и дополнителни стручни обуки за пекар, бравар, ѕидар, готвач, електричар, бербер, фризер или козметичар, во Затворот за деца и во Воспитно-поправниот дом во Охрид целосно е запоставен системот за образование, има несоодветна здравствена заштита, како и нефункционален систем на ресоцијализација.
Според тимот на Националниот превентивен механизам (НПМ), децата се жалат дека се удирани со шлаканици и гумени („бугарски“) палки, а едно од нив и дека било врзано со лисици.
За време на посетата на тимот на НПМ во јули годинава во малолетничкиот затвор имало 10 деца, а во Воспитно-поправниот дом 12. Позитивни промени од ресоцијализацијата се забележани само кај едно дете, додека кај останатите овој процес е делумно успешен или целосно неуспешен.
Процесот на ресоцијализација во овие две институции го спроведуваат само двајца психолози кои работат како воспитувачи и еден социјален работник кој работи административни работи при прием или отпуштање на децата по завршување на мерката, па оттука недостига мултипрофесионален тим (социјален работник, педагог и работен терапевт), кои би придонеле за успешно спроведување на процесот на ресоцијализација на децата.
И покрај фактот што најголем број деца во малолетничкиот затвор и Воспитно-поправниот дом се без основно образование, во установите воопшто не се спроведува образовниот процес ниту, пак, се одржуваат стручни работилници и обуки за одредени занимања.
Во поглед на здравствената заштита, пак, во малолетничкиот затвор и Воспитно-поправниот дом нема редовно вработен лекар ниту медицински персонал кој би се грижел за доверливоста на податоците содржани во здравствениот картон, како и за поделбата на медицинската терапија. Здравствената заштита на децата се обезбедува преку Здравствениот дом Охрид, од каде што еднаш во неделата доаѓа лекар, кој врши прегледи на децата кои имаат потреба од здравствен преглед, а по потреба доаѓа и дополнително или на повик.
Од канцеларијата на народниот правобранител велат дека по извршената посета тимот на НПМ констатирал дека децата се сместени во објект што не ги задоволува ниту минимум предвидените стандарди за сместување, односно задржување за деца, бидејќи децата од затворот и оние од ВПД ги дели само една импровизирана лимена ограда.
Особено загрижувачко, според тимот на НПМ, е изрекувањето на дисциплинските казни самици за децата од затворот и фактот што едно исто дете дури три – четири пати е упатено на издржување казна самица и тоа во многу куси временски интервали.
Упатувањето дете повеќе од 30 дена во самица во краток временски интервал во ниту еден случај не може да биде оправдано, а таквото постапување на затворските власти тимот на НПМ го оценува како недозволиво и спротивно на сите стандарди содржани во меѓународните документи за правата на децата и препораките на меѓународните тела коишто предвидуваат апсолутна забрана за изрекување на самицата како мерка врз деца.
Од извршените разговори со децата што се на издржување казна малолетничкиот затвор, тимот на НПМ добил информации дека врз нив често се употребува сила од страна на припадниците на затворската полиција.
Според изјавите на децата, службените лица најчесто употребувале сила во местата коишто се надвор од досегот на видеокамерите поставени во установата, а како место каде што ги „тепале“ ја истакнаа трпезаријата каде што ја консумираат храната.
Од извршените посети во местата каде што се врши или би можело да се врши лишување од слобода и задржување, тимот на НПМ констатира дека има отстапување од предвиденото постапување, а коешто е особено изразено и во полициските станици. Дел од полициските станици се соочуваат со проблем да обезбедат бранител за дете, а како најчеста причина го наведуваат фактот дека бранителите наводно тешко си ги наплаќале извршените услуги.
Во некои полициски станици исто така имало случаи каде што имале тешкотии да обезбедат и законски старател, односно претставници од центрите за социјални работи, особено кога се работи за викенди или случаи надвор до работното време.
Забележано е и дека во ниту една полициска станица нема посебни и соодветни простории за задржување дете, различни од просториите за задржување полнолетни лица и покрај тоа што е јасно предвидено во Законот за правда за децата.
Задржувањето деца во полициските станици, во исклучителни ситуации се врши во просториите за задржување наменети за полнолетни лица, а во најголем број случаи кога има задржување деца тие се сместени во некоја од службените канцеларии на полциските службеници, односно во канцелариите на инспекторите по малолетничка деликвенција, во канцелариите на сменоводителите, сали за состаноци, во просториите за разговор со лица – каде што ги има…
Од извршените посети и направените проверки во евиденциите што се водат во полициските станици е забележано дека се почитува рокот на задржување на децата во полициските станици, односно тие не се задржуваат повеќе од осум, односно 12 часа.
Претставникот на Националниот превентивен механизми од Австрија, Питер Каснер, посочува дека е потребно да се изгради врска и доверба со малолетните лица кои се притворени.
– Со добро водство на водачи и социјално соодветно однесување добивате поени, во случај на занемарување на куќните правила или во случај на чување или криење нелегални супстанции ќе се одземат поени. Во зависност од бројот на поените достигнувате нивоа, во кои, на пример, вратите на вашата ќелија се отворени подолго или може да поминете повеќе слободно време надвор од одделот. Тоа е добра идеја да се мотивираат младите луѓе да соработуваат со институцијата и да градат доверба, вели тој.
На највисоко ниво, како што посочува Каснер, на младите им е дозволено дури и на три часа да ја напуштат институцијата за да се сретнат со пријателите.
– Оние кои не добиваат посети, особено оние кои доаѓаат од странство, можат да користат интернет за да комуницираат преку Скајп со своите пријатели и роднини, се разбира на надгледуван начин, вели тој.
Во австриските затвори уште за време на притворот на тинејџерот му се даваат обука и курсеви подготвени за времето на слобода. Социјалните педагози ги поддржуваат младите во изготвување дневна структура, им помагаат како да напишат своја биографија, да даваат совети за интервју за работа или да ги охрабрат да започнат со нови хобија.
– Специјално здружение наречено „Нов почеток“ (NEUSTART) нуди помош за рехабилитација. Социјалниот работник ќе стапи во контакт со тинејџерот три месеци пред очекуваното пуштање на слобода. Овој социјален работник, исто така, стапува во контакт и со семејството, бара место на живеење, доколку е потребно, и нуди помош во првите недели по ослободувањето, вели Каснер.
Тој посочува дека во Австрија загрижувачки е што бројот на притворени млади лица постојано расте. Според статистиката во 2014 година имало 96 малолетни лица во притвор, а во 2019 година тој број се зголемил на 116.
– Причината за ова загрижувачко зголемување на бројот на млади затвореници е тоа што малолетните лица – како што посочува статистиката на криминалот – стануваат сè повеќе инкриминирани. Зголемените ментални абнормалности, дијагностицирани кај младите, се клучен фактор исто така. Многу тинејџери имаат разнишани семејни средини и немаат вистински дом. Како алтернатива недостасуваат и социо-образовните институции за млади, вели Каснер.