– Нема кој да ми го чува детето ако имам обврски кои морам надвор да ги завршам, реагира самохрана мајка на дете со попреченоста.
Родителите се жалат дека инклузија во образовниот процес нема. Бараат да добијат домашни асистенти. Исто така нема дидактички материјали во училиштата, ниту пак соодветен обучен наставен кадар. Статистиките покажуваат дека училиштата бараат да се обезбедат 334 образовни асистенти, што е за 4 пати повеќе од моменталната бројка.
Во 16 скопски основни училишта не подготвиле посебен индивидуален план, а родителите во две од нив одбиле да ги пратат нивните деца со попреченост да посетуваат настава.
Со промоција на Тимот за мониторирање на имплементацијата на Конвенцијатана ОН за правата на лицата со попреченост и на Посебниот извештај за остварување на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, денеска во организација на Народниот правобранител и Мисијата на ОБСЕ во Скопје се одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
По тој повод на промоцијата поздравни обраќања имаа народен правобранител Иџет Мемети, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која и постојаниот координатор на Обединетите Нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџиак.
Презентација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост со фокус на членот 33 одржа Силва Пешиќ – советничка за човекови права, Канцеларија на Постојниот координатор на Обединетите Нации во Република Северна Македонија.
Заменик народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа пак го презентираше Посебниот извештај подготвен од Тимот за мониторирање на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во врска со остварување на правото на образование на децата со посебни образовни потреби во основните училишта во скопскиот регион.