Нема некое изненадување со специфика на децата кои што досега беа дијагностицирани кај нас во однос на другите дијагностицирани заболени со Ковид-19, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче прашан за тоа дали и кај нас е регистрирано заболување со Ковид-19 кај деца со атипични симптоми, како што е случај во изминатите две недели во некои земји од Европа.
– Во однос на децата кои што досега беа дијагностицирани кај нас немаше некое изненадување со специфика во однос на другите дијагностицирани. Во таа смисла и наодот на белите дробови, пореметувањето на крвта беа во рамки на тоа што се движи манифестацијата кај возрасните. Значи некоја специфика посебна немаше, рече Филипче.
Здравствените власти во Франција и Велика Британија информираа дека се обидуваат да утврдат дали постои врска со пандемијата на корона вирусот и десетина деца кои неодамна биле примени на интензивна нега во Велика Британија и петнаесетина во Франција, откако развиле атипична форма на болест на крвните садови, што наликува на болеста Кавасаки.