Се праваат напори, за да им се олесни животот на родителите, а посебно за децата, потенцираше министерот за здравство, Венко Филипче кој денес присуствуваше во ректоратот на медицинскиот факултет во Скопје, кадешто се одбележа Светскиот ден за борба против Дијабетес. На настанот присуствуваа и членови на сојузот на дијабетичари, пациенти, лекари, и останати засегнати страни.
Родителите од Битола бараат државата да обезбеди апарати кои ќе им помогнат на децата да им се олесни примањето на терапијата, бидејќи децата со дијабет се боцкаат и по 10 пати дневно за да ја примаат потребната терапијата. На новинарско прашање кога да очекуваат родителите дека ќе ги добијат ваквите апарати за мерење на шеќер во крвта, министерот Филипче, рече дека се праваат максимални напори за да се обезбеди најсовремена терапија и дијагностика.
„Се праваат напори, за да им се олесни животот на родителите, а посебно за децата“ запознаен сум со проблемот и веќе разговаравме со родителите, за кратко време ќе се знае кога ќе може да се обезбедат вакви апарати. Инаку, вакви апарати и сензори, се донирани на детска ендокринологија„, истакна Филипче.
На настанот се дискутираше за Националната стратегија за дијабетес. За проблемите со кои се соочуваат пациентите, за предизвиците, за ново набавените лекови, но исто така и за идните планови и третирањето на дијабетесот.
Над 3800 новозаболени лица од дијабет има во земјава скоро секоја година. Според претседателот на националната комисија на дијабетичари во земјава, Ирфан Ахмети и според податоците кои ги добивале од „Мој термин“, заклучно со31.12.2018 година вкупно 123.850 лица биле заболени од оваа хронична болест во земјава, додека минатата 2017 година бројката изнесувала 120.000 лица со дијабет.
Според Ахмети, над 50 % од заболените лица се од возрасната група од 45 до 65 години, односно лица кои се работоспособни.