Децата одбија да сведочат во истрагата за бизнисот на Доналд Трамп

by Fokus

Доналд Трамп помладиот и Иванка Трамп, децата на поранешниот американски претседател, одбија да сведочат во истрагата за наводната измама во врска со бизнисот на компанијата на нивниот татко. Целта на истрагата е да се утврди дали компанијата „Организаја Трамп“ манипулирала со проценетите вредности на својот недвижен имот за да добие заеми и даночни олеснувања.

Обвинителката на државата Њујорк, Летиција Џејмс, на 1 декември им врачи покана на 44-годишниот Доналд џуниор и 40-годишната Иванка, како и судска покана до поранешниот републикански претседател на САД.

Џејмс отвори истрага во 2019 година, тврдејќи дека Трамп, пред да стане претседател, ја лажирал вредноста на својот имот кога барал заеми.

Трамп возврати со тужба против Џејмс, која е член на Демократската партија, обвинувајќи ја за „политички прогон“ и „лов на вештерки“.

Адвокатите на Трамп се обидуваат да ја спречат да ги испрашува неговите деца за ова, како што тврдат, „невидено неуставно барање“, пренесува Би-Би-Си.

Канцеларијата на државното обвинителство во октомври 2020 година го сослуша синот на Трамп, Ерик, наведува весникот „Њујорк Тајмс“.

Истрагата на обивнителката Џејмс  е поврзана со кривичната истрага на окружниот обвинител на Менхетен за деловните практики на Трамп, вклучувајќи ги и наводите дека компанијата ја преувеличувала вредноста на некои од нејзините недвижни имоти за да добие заеми и даночни олеснувања.

Поврзани новости