Нашата препорака е само децата од првите три одделенија физички да присуствуваат во училиштата во новата учебна година, за време на одморите да не се излегува од училниците, а со настава да почнуваат со временска дистанца од 10 минути, истакна министерот за здравство, Венко Филипче, на Сител.
-Приоритет ќе биде заштита на здравјето на граѓаните, така како што беше досега во однос на сите воведени и имплементирани мерки, а сега во однос на заштита на здравјето на најмладите, почетокот на школската година како еден сериозен ризик да се влоши епидемилошката ситуација, заради тоа што огромен број деца би биле во една затворена или повеќе затворени простории со шанса и можност да комуницираат многу интензивно, повеќе денови во текот на неделата помеѓу себе – рече Филипче.
Тој посочи дека децата заболуваат со најлесна форма и најмалку процентуално, но тие можат да придонесат во ширење на вирусот.
-Нашата анализа покажала дека најлесна форма и најмалку процентуално, под 4 проценти се заболени најмалите деца до 9 години. Затоа воведуваме вакви ригорозни мерки кои мора да се почитуваат. Треба да се постапи вака затоа што тоа е најсигурниот начин за спречување на ширење на вирусот – рече Филипче.