Децата ни беа надвор, требаше ли некој да загине, прашуваат неготинчани откако во двор падна ранец од воен воздухоплов

Вчера тежок ранец паднал од воен воздухоплов, врз натстрешница на помошен објект во куќа во Неготино.

by fokus

Се случи околу пладне. Децата и татко ми беа надвор, во дворот. На улицата исто така имаше многу луѓе, деца возеа велосипеди, си играа. Одекна како експлозија и истрчав надвор. Имаше што да видиме – вака за ,,Фокус” раскажува очевидец на вчерашниот настан, кога тежок ранец паднал од воен воздухоплов, врз натстрешница на помошен објект во куќа во Неготино.

Од силниот удар надстрешницата била целосно уништена, а вознемирените луѓе веднаш повикале полиција.

-Дојде полицијата, го обезбеди местото. По некое време дојдоа и автомобили со скопски регистарски таблички, дојде војската. Околу три-четири часа се задржаа во дворот каде што падна ранецот. Се собра и многу народ, целата улица беше таму, доаѓаа и луѓе од други делови на градот.
Што треба да мислиме после ова? Дека ние, жителите на Неготино сме изложени на огромна опасност! Доколку ранецот со таа брзина со која паѓал, удрел во дете или пак возрасен човек, знаеме кој ќе беше епилогот. Ова е страшно и не смее да се повтори никогаш! – раскажуваат очевидци на немилиот настан.

И од Левица Неготино се огласија по повод случајот и бараат истиот веднаш да биде расчистен. Прашуваат, кога веќе од воздухопловниот објект се случил таков пропуст и паднал ранец, дали пости опасност да падне и нешто значително ризично и фатално по животот и здравјето на неготинчани.

-Немаме вода, нема соодветно осветлување по улиците, нема инвестиции, но затоа ранци ни паѓаат од небо – реагираат од партијата.

-Локацијата на армискиот полигон Криволак не е соодветна за вакви големи воени вежби на странски армии. Постојано ги слушаме хеликоптерите и останатите воени летала, го облетуваат градот, не вознемируваат.
Околу полигонот има земјоделски култури, плодни ниви, дали некој го праша овој народ што мисли за ова што сега се случува?
Требаше ли некој да биде убиен вчера, кога се дозволил таков пропуст, да падне ранец од небото, помеѓу деца кои безгрижно играле, помеѓу луѓе кои си седеле во своите дворови? Во страв ли да живееме? – прашуваат луѓе кои живеат во близина на таканаречените Тимјанички згради, каде се случи вчерашниот настан.

Велат дека среќа во несреќа е што ранецот паднал врз надстрешницата од помошен објект во куќата, доколку паднел врз кровот на куќата, веруваат дека според силината, ќе направел огромна штета, која можела да предизвика и човечки жртви.

-Што ќе беше доколку ранецот погодеше некое дете? Не можеме да престанеме да мислиме на тоа. Првичната мисла по трескотот ни беше дека станува збор за сообраќајка. Едно од децата на улицата дури и падна од велосипедот, сите беа преплашени. Татко ми беше на десеттина метри, кој ќе сноси одговорност за овој пропуст? – прашува вознемирен маж во чие соседство се случи настанот.

-Немојте да ни го облетувате градот, не вознемирувате – порачуваат голем број на граѓани и апелираат Министерството за одбрана да се погрижи жителите на Неготино да имаат мирен живот.

Инаку, до крајот на месец мај Македонија ќе биде домаќин на припадници од седум НАТО-сојузнички армии во рамки на вежбата „Swift response 22“.
Како што соопшти британското Министерство за одбрана, 2.500 британски војници ќе учествуваат со 16 воздушно-борбени тимови и еден борбен тим на воздухопловната бригада.

-Ова е досега најголема мултинационална вежба во Република Северна Македонија од ваков вид и единствена од осамостојувањето на државата во која ќе се реализираат воздушни десанти во овој обем, изјавија од Генералштабот на АРМ за Алсат М.
Акцентот на вежбата ќе се состои од активности во воздушниот простор со изведување на падобрански десанти, но и со активности на терен со учество на повеќе од 4.000 војници од армиите на Македонија, САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Албанија, Грција и Црна Гора.

По повод немилиот настан кој ги загрижи неготинчани, се уште се немаат огласено од Министерството за одбрана.

Вики Клинчарова

Поврзани новости