Децата на Меган и Хари можат да ги користат титулите принц и принцеза

by Fokus

Смртта на кралицата Елизабета Втора значи дека синот на војводата и војвотката од Сасекс, Арчи Маунтбатен-Виндзор, сега е принц – титула што неговата мајка, Меган Маркл тврдеше дека му е одбиена поради неговата раса. Слично и помалата нивна ќерка – Лилибет „Лили“ има право да биде принцеза, по крунисувањето на нејзиниот дедо, кралот Чарлс Трети.

Начелата поставени од прадедото на Хари, кралот Џорџ Петти, уште во 1917 година дозволуваат да им се даваат кралски титули на децата на синовите на кралот (т.е. неговите внуци). Додека кралицата беше на власт, децата на Хари беа нејзини правнуци. Сега кога Чарлс го презеде престолот, децата на Хари официјално се внуци на монархот, па ги исполнуваат условите.

Правилото од 1917 година обезбедува кралски титули за децата на кралот и на најстариот син на кралот (што би значело синот на принцот Вилијам – принцот Џорџ), дури и пред смртта на кралицата.

Иако Арчи и Лили сега можат да ги користат кралските титули, прашање е дали ќе ги користат … Гласините велат дека Хари и Меган одлучиле да не му го дадат епитетот Ерл од Дамбартон, на Арчи, кога се родил, бидејќи биле загрижени дека ќе биде малтретиран поради тоа.

Во „Шоуто на Опра Винфри“ лани, Меган рече дека некои луѓе во палатата не се заинтересирани за тоа Арчи да ја добие титулата принц, поради „темната кожа кога се родил“ …

На прашањето дали би сакала Арчи да има кралска титула, Меган одговори: „Ако тоа значеше дека ќе биде безбеден, тогаш – секако“.

По смртта на кралицата, Хари сега е петти во редот за престолот, а Арчи и Лили би биле шести и седма, соодветно. Титулата принц и принцеза може да им се одземе само ако нивниот дедо Чарлс го промени протоколот откако ќе дојде на престолот.

Поврзани новости