Децата ми се многу мали, ќе им требам, раскажуваше Ксенија Вучиќ по операцијата

by Fokus

Српската новинарка и поранешна сопруга на претседателот Александар Вучиќ, Ксенија, денес ќе биде погребана во Белград. Веста за нејзината ненадејна смрт во 56-та година од животот, го обиколи регионот.

Според првичните информации од тамошните медиуми, најверојатно причината е тромб, а јавноста се сеќава на нејзината борба со болеста и тешката операција која ја преживеа во 2009 година, кога уште беше во брак со Вучиќ, со кого ги имаат синот Данило и ќерката Милица.

Откако закрепна од хируршкиот зафат кој и беше изведен на клиника во Париз, Франција, Ксенија за српски ,,Ало” раскажа за агонијата низ која минала таа, но и нејзиното семејство.

-Нема поголем мотив од тоа, да ја избришам грижата од нивните лица! Милица и Данило се многу мали, ќе им бидам потребна… По операцијата дојде главниот хирург и ми рече, госпоѓо, драго ми е што се запознавме. По шест месеци ќе го немавме ова задоволство. Тогаш ми беше се јасно… Пред да заминам на операција на децата со насмевка им кажував дека одам да оздравам, за да можеме пак да си играме. Многу работи ми беа скратени, кога Милица ќе се затрчаше кон мене, не можев да ја подигнам. Сега знам дека ќе можам. Сега децата мислат дека никогаш нема да имам ниту грип – раскажуваше новинарката по тешката операција на срцето.

Целиот зафат траел десет часа, а се разбудила дури четвртиот ден по операцијата.

-Прво се сеќавам на ликот на Александар во аголот на собата, и обидот да му се насмеам. Наредниот ден беше кошмар, имав неподносливи болки, со денови примав морфиум. Три недели изгубив во болницата, но добив нов живот и години со моите најмили. Тие ме тераат да не се предадам и да бидам оптимист. Морам да бидам оптимист, да бидам добро, бидејќи уште ќе им требам – појаснуваше Ксенија.

Кога слетале на аеродромот во Белград, со инвалидска количка ја префрлиле до возилото.

-Не ми се веруваше што ми се случува, во количката, подискривена поради раните, ме туркаат… И во тие моменти, и се јавив на мајка ми да приготви грав за добредојде. Не знам, можеби ми проработи некој српски ген- раскажа таа во интервјуто од 2009 година. Две години по операцијата таа се разведе со Александар Вучиќ. И покрај разводот, остана верен поддржувач на неговите политики.

Вики Клинчарова

Поврзани новости