Ученици од прво до деветто одделение во ООУ ,,Страшо Пинџур” од Неготино учествуваа во хуманитарен концерт кој се одржа во спортската сала на училиштето, со цел да се соберат средства за купување на отропедски помагала и инвалидска количка на нивно другарче.
Се работи за момче кое што е ученик во прво одделение и е со церебрална парализа. Иницијатор на хуманитарниот настан бил директорот на училиштето, Сашо Ѓорѓиев, познат во јавноста и како фронтмен на популарната група ,,Нели ти реков”.
Во разговор за ,,Фокус” тој открива дека хуманитарната акција за помош на другарчето се уште трае, и е горд на хуманоста која што ја покажале учениците.
-Од септември во нашето училиште започна да посетува редовна настава, во прво одделение, детенце со церебрална парализа. Родителите се со ниски примања, а на момчето му се потребни соодветни помагала кои тие не можат да си ги дозволат. Затоа, по разговор со колегите, одлучивме да организираме хуманитарен концерт со нашите ученици, но исто така во тек се и други акции за собирање на финансиска помош. Учениците со задоволство се согласија да учествуваат на концертот, ја покажаа својата човечност и хуманост, настанот помина во една позитивна атмосфера, а во наредните денови се собираат дополнителни средства и во кутиите за донации. Средствата ќе бидат искористени за купување на медицински помагала кои му се потреби на момчето, а имам сознанија дека има потреба и од електрична инвалидска количка, која што е прилично скапа. Бидејќи акцијата е се уште во тек, немаме сознанија колку точно финансии се собрани, но верувам дека ќе има доволно за купување на соодветни помагала кои му се неопходни на ученикот. За електричната количка, се надевам дека и за неа со помош на хуманите граѓани ќе успееме да дојдеме до посакуваната сума и да му помогнеме на нашиот ученик – раскажа Ѓорѓиев.
Вели дека по консултација родителите на момчето, најверојатно ќе биде јавно објавена и хуманитарна жиро сметка, на која ќе можат да донираат сите хумани луѓе од земјава, со цел да се дојде до сумата потребна за електрична инвалидска количка.
Тој додава дека во училиштето имаат шест асистенти, кои секојдневно им помагаат на децата со посебни потреби кои посетуваат редовна настава.
-Асистентите работат со скратено работно време, односно по четири часа дневно. И ученикот за кого се организираат хуманитарните акции за време на наставата е придружуван од својот асистент, и ова е еден доста позитивен проект во нашето училиште – вели директорот.
Инаку, асистентите се дел од програмата Општинско-корисна работа, проект „Продолжување на функционирањето на игралните во руралните средини и воведување на нови иновативни социјални услуги за деца со посебни потреби вклучени во образовниот процес”, работно ангажирани со скратено работно време за период од девет месеци заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд.
Вики Клинчарова