Детето веќе било мртво кога го донеле во болница, имало голема рана на вратот

by Fokus

Деталите за вчерашната трагедија во скопска Пинтија откриваат дека осумгодишното дете изгризано до смрт од куче било однесено во болница без знаци на живот.

Љубен Арсенков, директор на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ за „Макфакс“ изјавил дека детето имало голема рана на вратот и расеченица на главата.

„Вчера попладне, во 17.22 часот, во нашата клиника беше донесено осумгодишно дете со сериозни повреди во пределот на главата и вратот нанесени од каснување куче. Во моментот на прием детето е без знаци на живот, со проширени зеници и без срцева акција. Веднаш е направена реанимациска постапка, но, за жал, без успех. Големата рана на вратот, каде што минуваат главните крвни садови, довела до тоа детето да искрвави“ рекол докторот.

Трагедијата се случила кога детето влегло во дворот на соседот. Родителите на детето биле во добри односи со соседите.

Од МВР претходно известија дека вчера во 18,25ч. од ГОБ„Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив било донесен малолетник од Скопје, кој според пријавеното подлегнал на повредите како последица од напад од куче, сопственост на неговиот сосед Н.Г..

Известен е јавен обвинител по чија наредба телото е предадено за обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Поврзани новости