Тринаесетгодишното дете кое вчера почина, било прегазено од трактор кој излетал од локалниот пат во село Саса, соопшти денеска МВР.
– На 26 август во 15:30 часот било пријавено дека на локален пат во село Саса, Македонска Каменица, С.Ѓ.(58) од Македонска Каменица изгубил контрола врз трактор “ИМТ“ со приколка што го управувал и излетал во река. При тоа, Д.А. (52), кој се превезувал на тракторот скокнал од него и останал неповреден, но малолетно лице кое исто така се превезувало на тракторот, паднало и било прегазено од тракторот, по што починало. И возачот на тракторот се здобил со повреди констатирани во Медицинскиот центар во Штип. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Делчево, се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.
Во текот на вчерашниот ден Општина Македонска Каменица ги откажа сите концертни настани од манифестацијата „Каменичко Културно Лето 2022“ и прогласи тридневна жалост
– Дозволете во свое лично име и во име на Општина Македонска Каменица да изразам искрено и длабоко сочувство до семејството Стојковски кои загубија дете, брат, внуче. Целиот град сочувствува со нивната болка и загуба за прерано згаснатиот живот. Со оглед на огромната загуба за целиот град, ве известувам дека манифестацијата „Каменичко Културно Лето 2022“ која беше закажана за период од 26 до 28 август, се откажува во целост, и Општина Македонска Каменица прогласува тридневна жалост, изјави вчера градоначалникот Димчо Атанасовски.