Детето кое падна од зграда во Кисела Вода е во стабилна состојба, но има повреди на повеќе органи

by Fokus

Детето што синоќа падна од шестиот кат на зграда во Кисела Вода е во стабилна состојба, но има повреди на повеќе органи, информира за ТВ Телма в.д. директорот на Клиниката за детска хирургија, д-р Лазо Јовчески, посочувајќи дека тоа е под постојана опсервација.

„Детето се наоѓа на интензивната нега на Клиниката за детската хирургија. Тоа е во стабилна општа состојба, но со стабилни витални параметри. Има повреди и скршеници на повеќе системи и органи, почнувајќи од главата, рамото, повреди на белите дробови, фрактури на ребрата и карлицата. Дише самостојно, со кислородна поддршка и засега нема индикации дека е потребен оперативен зафат“,вели д-р Јовчески.

Тој додаде дека во моментот не може да каже дали пациентот е надвор од животна опасност, зашто се претпазливи и оти се работи за повреди на повеќе системи и органи.

Од МВР денеска соопштија дека 69-годишна жена починала, а деветгодишно дете е повредено откако вчера паднале од зграда во скопската населба Кисела Вода. Трагичниот настан се случил вчера вечерта во 19:40 часот. Жената починала на самото место, а детето веднаш било пренесено во комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Засега нема детали за причините на несреќата.

Поврзани новости