Петгодишно дете во централниот објект на штипската градинка „Астибо“ е прв позитивен случај на коронавирусот меѓу децата кои се згрижени во Штип.
Пред шест дена беа евидентирани четири позитивни случаи меѓу вработени во двете детски градинки, по што 24 деца со две вработени беа изолирани.
Директорката на градинката „Астибо“, Билјана Трајчевска за МИА го потврдува случајот и вели дека денеска е пристигнат резултатот, по што се информирани сите надлежни институции и Општина Штип.
-Петгодишното дете е дел од групата, која е изолирана, по појава на вирусот кај воспитувачката на групата. Но, епидемиолозите не го поврзуваат случајот на детето со воспитувачката, бидејќи неколку дена претходно не доаѓало во градинка. Според епидемиолошката анкета воспитувачката се заразила од член во семејството – истакна Трајчевска.