Детална анализа на времето за време на овој викенд, како и за почетокот од следната недела

by fokus

До крајот на денов во нашата држава времето ќе биде променливо облачно на повеќе места со повремени врнежи од дожд. Локално ќе има услови за нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилување на ветерот и услови за појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и од северозападен правец и истиот повремено ќе засилува. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 15 до 23 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд и можна појава на грмежи, особено попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и од северозападен правец кој повремено ќе засилува. Максималната дневна температура се очекува да се искачи до околу 20 степени.

И утре ќе се задржи променливо време со услови за повремен локален дожд и ретка појава на грмежи. Ќе биде и малку посвежо а ќе дува и умерен, повремено засилен ветер од северен правец кој на некои места ќе достигнува брзина од над 60 км/час. Максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 13 до 19 степени, во крајните југоисточни предели истите се очекува да се искачат и малку над 20 степени.

На почетокот од следната недела атмосферата ќе биде постабилна, што значи може да се очекува и постабилно време. Во понеделник ќе продолжи да дува умерен до засилен ветер од северен правец. Температурите нема многу да се менуваат и во понеделник ќе се искачуваат во интервалот од 15 до 23 степени, понатамошен пораст на температурите ќе има во вторник кога ќе се искачуваат во интервалот од 18 до 25 степени.

Подготви: Славчо Попоски

Поврзани новости