Лажните дојави за бомби со училиштата не престануваат. Вчера имаше дојави за бомби во дури 120 училишта во Скопје, а завчера за 18 училишта во главниот град. За сите беше утврдено дека се лажни.
Од МВР за „Фокус“ ја потврдија изјавата на министерот за одбрана, Јетон Шаќири дека досега не е пристигната дојава за бомба во приватно училиште.
На прашањето на кој начин МВР работи на откривање на пријавувачите на лажните дојави, од Министерството велат дека постапуваат преку Секторот за компјутерски криминал, Секторот за борба против тероризам и Секторот за меѓународна полициска соработка кои преку взаемни координирани активности и по насоки на ОЈО ГОКК, преземаат сеопфатни истражни дејствија за откривање на сторителите.
Сепак, од МВР не даваат конкретен одговор дали има напредок во истрагата, како и дали и каков вид на соработка имаат со експерти од НАТО.
Сите релевантни меѓународни безбедносни организации се активно вклучени и сме во постојана комуникација, додека конкретни детали кои се со степен на класификација не можеме да споделуваме во оваа фаза кога се преземаат опсежни дејствија, се со единствена цел да не се наштети на спроведувањето на истрагата, велат од МВР.
Самите истраги се исклучително комплексни, поврзани со меѓународна размена на информации и поддршка како и со барања за мeѓународна правна помош. Притоа, вклучени се сите институции во државата од безбедносниот сектор и со сите расположливи капацитети се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Ова е еден вид на хибридна закана на нашата држава, но и на други земји во светот, кои се значително зголемени во периодот по отпочнување на агресијата на Русија во Украина. На ваков вид на закани/напади се подложни и други земји од регионот: Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Романија, БиХ, но и други земји од Европа, вклучувајќи ги тука и САД и Канада, објаснуваат од МВР.
Освен во училиштата, со недели лажни дојави за бомби пристигнуваат и во трговски центри, судови, аеродромот, поголеми стамбени згради, автобуси на ЈСП. Кај голем дел од пријавите се работи за VPN врски хостирани во странство, односно начин на кој се прикрива реалната IP адреса на испраќачот и истиот не може да се лоцира.
Катерина Смилева Божиновска