Првостепената пресуда за случајот ,,Беса Транс”, со кој фирмата и сопственикот Беким Хаџиу беа прогласени за виновни за фалсификување на јавна исправа, односно дека за изгорениот автобус никогаш не извадиле лиценца за транспорт надвор од границите и дека наместо сопствен извод користеле извод од лиценца за друг автобус, е укината поради неколку пропусти кои ги утврдил Апелациониот суд.
Поточно, Апелација пресудила дека не е утврдено во колку случаи била користена туѓа лиценца. Обвинителството тврдело дека автобусот, кој се запали во Бугарија и во кој изгореа 45 патници, меѓу кои и деца, 20 пати излегувал од Македонија со туѓи изводи од лиценца, а Апелација избројала само 10 пати.
Сепак за Апелација е неспорен фактот дека е користен извод од лиценца која не припаѓа на автобусот кој се запали, но не е утврдена точна фактичка состојба.
,,…Изведените докази го докажуваат фактот дека барање за извод од лиценца за предметниот автобус воопшто не е поднесено, ниту пак таков извод од лиценца е издаден од Министерство за транспорт и врски, па оттука логичен е заклучокот дека правното лице не поседувало извод од лиценца. Воедно, со оглед на фактот дека графолошко вештачење може да се врши единствено на оригинален примерок од исправката, правилно првостепениот суд таквиот предлог не го прифатил и врз основа на расположивите докази, утврдил дека правното лице за предметниот автобус не поседувал извод од лиценца”, се наведува во пресудата на Апелација.
Но и покрај овој заклучок, второстепените судии посочиле на недостатоци поради кои решиле пресудата да биде укината, и судењето да почне од почеток.
,,Обжалената пресуда содржи такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита во однос на нејзинита правилност и законитост, изреката на пресудата е недоволна јасна и разбирлива, фактичкиот опис не содржи конкретизација на дејствијата на обвинетото правно лице, во насока на преземање на дејствијето на извршување, а воедно во образложението не се содржани доволно јасни и непротивречни причини за решителните факти во однос времето на сторување на кривичното дело од страна на обвинетите, а дадените причини од судот во значителна мера противречат на содржината на изведените докази, се наведува во продолжение на пресудата.
Исто така за Апелација е спорно што не било утврдено точното време на сторување на делото.
,,Обжалената пресуда е нејасна во делот кој се однесува на времето на сторување на кривичното дело, односно нејасно е врз основа на кои докази првостепениот суд утврдил дека обвинетите го сториле кривичното дело во периодот од 10.01.2021 година до 21.11.2021 година, со оглед да времето на сторување наведено во изреката на обжалената пресуда не кореспондира со алинеите наведени во истото односно со последната алинеа од изреката која како последно преземено дејствие од страна на обвинетите е заклучно со 18.11.2021 година, а во изреката стои дека обвинетите противправните дејствија ги преземале заклучно до 21.11.2021 година, со кое нешто сторил повреда на одредбите на кривичната постапка, а од причина што со сигурност не го утврдил временскиот период на преземање на противправните дејствија на обвинетите и поради тоа пресудата е нејасна и неразбирлива и не може во целост да се испита, заклучиле судиите од Апелација.
Со второстепената пресуда е укината казната од 20 месеци затвор за сопственикот на ,,Беса Транс”, и нему одново ќе му се суди во Кривичниот суд.
Валентина Вурмо