Во вчерашниот извештај на Министерството за здравство, како најмлад помеѓу починатите беше регистриран пациент на возраст од 27 години, од Демир Капија.
Станува збор за момче кое било штитеник во Специјалниот Завод Демир Капија, а информацијата за ,,Фокус” ја потврди министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
-Починатиот штитеник беше лице со церебрална парализа и со други здравствени проблеми. Во заводот беше донесен во август, откако пред тоа престојуваше во згрижувачко семејство во Крушево.
Момчето беше неподвижно, со катетар, што беше честа причина за инфекции. Откако пројавило покачена температура, било тестирано на корона вирус, а резултатот бил позитивен, по што било хоспитализирано во Скопје на клиника, на 22-ри јануари.
За жал, на седми февруари ја изгуби битката – појаснува министерката за момчето по потекло од Пробиштип, кое поради здравствената состојба го минало животот во згрижувачки семејства и институции и најверојатно ќе биде погребано во Демир Капија.
Таа додава дека до сега, добро се справиле со пандемијата во Специјалниот завод, како и во Депендансот во Демир Капија.
-Веќе поминаа две недели откако се излекуваа десеттина штитеници кои беа позитивни на Ковид-19. Релативно добро поминаа сите кои се инфицираа, со лесна клиничка слика. Моментално немам активни случаи во институцијата, но остануваат мерките на голема претпазливост, бидејќи овде се сместени лица со кревко здравје –изјави Шахпаска.
Вики Клинчарова