Човекот кој изврши масакр во Дом за стари и изнемоштени лица во Дарувар, Хрватска е пензионираниот воен полицаец Крешимир П.(51), пренесуваат хрватските медиуми. Според информациите, една од жртвите била неговата мајка.
Според неофицијални информации, Крешимир седел пред продавница во Доњи Дарувар и пиел пиво, непосредно пред крвавиот поход, како што тоа го правел речиси секој ден во последните 10 години. Во еден момент дошол зад пожарната и го замолил домарот да го одвезе него и уште еден пријател во градот. Домарот му рекол дека не може бидејќи има работа.
– Мислев дека треба да оди до банкомат или нешто слично. Не ми падна на памет дека има намера да направи такво нешто. И тогаш го слушам ова. Не знам што да ви кажам, во шок сум! – со растреперен глас раскажува домарот.
Според информациите, мајката на Крешимир веќе 10 години била сместена во Домот за стари и изнемоштени лица „Виани“ на улицата „Мажураниќева“ во Дарувар.
Неофицијално, Крешимир најпрвин дошол во кафе барот „Дарувар“ каде си нарачал пијачка и ги почестил гостите кои во тој момент биле во кафулето. Велат дека бил сосема мирен и рекол: „Ќе одам нешто да завршам“.
Се разбира, никој не можеше ни да помисли дека наскоро ќе следи невидена трагедија.
Крешимир дошол во домот, влегол внатре и почнал да пука. Ја убил мајка си, уште тројца корисници и негувател, а ранил неколку лица. После тоа, мирно излегол на улица и се вратил во блиското кафуле „Дарувар“ каде, очигледно, решил да ја чека полицијата која брзо се појавила и го привела.
Крешимир П. и претходно и бил познат на полицијата. Како што рекле негови познаници, тој пред еден месец по цел ден пиење пред продавница во Доњи Дарувар, фрлил познаник на скалите каде што имало шишиња. Поради тежината на повредите, мажот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општата болница во Бјеловар и завршил на операција на абдоменот. Наводно пред тоа му ставил пиштол во устата.
– Порано беше ок момче, дежурен воен полицаец во Загреб. Но, кога се пензионираше, алкохолот очигледно си го направи своето, изјави жител на Дарувар, кој сакаше да остане анонимен.