Детали за истрагата против поранешниот директор на СОЗР, Мирчевски

by fokus

Примање поткуп, фалсификување исправа, проневера и несовесно работење, се кривичните дела кои Управата за финансиската полиција му ги става на товар на поранешниот директор на СОЗР, Пеце Мирчевски.

„Свесно и со умисла, извршил службени дејствија коишто не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П., a притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект“, велат од Финансиската полиција.

Предмет на истрага сега се и службени патувања. Мирчески и негови соработници од СОЗР патувале во прекуокеански земји, каде што требало да присуствуваат на одредени настани. На дестинациите е спорно дали воопшто имало некакви збиднувања.

„Првопријавениот во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио-билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист и исплатени дневници за службени патувања“, се вели во дел од соопштението на Финансиската полиција.

Од Финансиската полиција наведуваат и дека екс-директорот на СОЗР бил запознаен со фактот дека едно лице вработено како пилот не ги исполнувало условите за капетан-водач на воздухоплов, овозможил истото лице во периодот од 27 октомври 2023 до 14 јуни минатата година да добива плата за таа позиција, на штета на Буџетот на државата.

Со тоа, лицето се стекнало со имотна корист во вкупен износ од речиси 56 илјади евра.

Поврзани новости