Детали за акцијата „Планина“: Продавачите на дрогата добивале процент, за 1 грам кокаин наплаќале 5.000 денари, а за 100 грама марихуана до 15.000 денари

by fokus

Обвинителката Вилма Русковска на денешната прес конференција сподели детали за акцијата „Планина“, при што беа уапсени дваесетина членови на две криминални групи од Грчец и Гази Баба. Таа информираше дека акцијата во Грчец била пробиена, поради што ќе се работи на откривање на доушниците. Сепак и покрај малата количина на запленета дрога, обвинителката појасни дека групата цела година била следена и прислушувана, поради што се обезбедени доволно докази.

„Во периодот од 26.03.2020 до 24.03.2021 година, двајца осомничени од село Грчец, поединечно и заедно, неовластено и заради продажба, во повеќе наврати купувале одредена количина на наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана од НН лица, која ја држеле скриена на безбедни локации во село Грчец. Со цел неовластено да ја продаваат, осомничените организирале мрежа на посредници и препродавачи, составена од 17 други осомничени, од кои 16 полнолетни сторители и едно дете во судир со закон над 16 години.

Дополнително, двајца осомничени од населбата Гази Баба, поединечно и заедно, неовластено и заради продажба, во повеќе наврати купувале одредена количина на наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана од НН лица и истата ја држеле скриена на безбедни локации во населбата Гази Баба. Со цел неовластено да ја продаваат, организирале мрежа на посредници и препродавачи, составена од вкупно 7 осомничени, полнолетни сторители, истакна Обвинителката.

Купувачите пак биле од повеќе места и тоа од Скопје, Гостивар, Тетово, Струмица и други градови.

-Паричните средства стекнати од неовластената продажба на наркотичната дрога, членовите на криминалните мрежи им ги предавале на организаторите, кои како награда на продавачите им давале плата или процент од постигнатата цена која се движела во износ од 4000 до 5000 денари за 1 (еден) грам кокаин и во распон од 12.000 до 15.000 денари за 100 грама марихуана, истакна обвинителката.

Вкупно 23 осомничени лица кои се лишени од слобода се изведени пред судија на претходна постапка, а за повеќето од нив е побарана мерка притвор. За петте осомничени кои се во бегство издадени се потерници за нивното пронаоѓање и лишување од слобода.

До судијата за претходна постапка се доставени две наредби за спроведување истражна постапка, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, предвидено и казниво по член 215 став 3 вв став 1 од Кривичниот Законик на РСМ.

Поврзани новости