Препродажба на нива во Делчево, на која требало да се постават фотоволтаици на ЕВН, е во центарот на истрагата на Управата за финансиска полиција, која утринава изврши претрес во домот на таткото на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески.
Како што дознава „Фокус“ од свои извори, фамозната нива била купена за цена од половина евро за квадрат, од страна неколку физички лица, кои пак потоа наводно ја продале на ЕВН за многу поголема сума од квадрат. Според нашите сознанија во аферата се вмешани висок службеник вработен во ЕВН, син на поранешен градоначалник, како и близок соработник и пријател на политички лидер. Во случајот пак ЕВН, се појавува како оштетена странка.
Но, освен наводната измама, истрагата, според нашите сознанија, допира и до нелегално финансирање на политичка партија за време на последните избори. Засега не ни е познато дали се обезбедени докази за нелегални трансакции кои ќе го потврдат овој сомнеж.
Денеска за овој случај со официјално соопштение излегоа и од Управата за финансиска управа. Оттаму појаснија дека во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.
-Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела, се вели во соопштението.
Оттаму апелираа случајот да не се користи за партиски цели.
-Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ MAKЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје. Ве молиме Управата за финансиска полиција да не се злоупотребува за политички цели, заклучуваат од Управата.
В.В.- В.С.