Судот во Гостивар ја објави пресудата, односно спогодбата, на обвинителството со Зоран Милевски Кичеец , а со која беше осуден на 6 месеци затвор за сообраќајката која ја предизвика кај Стража, а во која едно лице загина, а седумина беа повредени.
Во неа се наведува дека Милевски не се придржувал кон сообраќајните прописи и ја предизвикал несреќата.
-Како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите на сообраќајот и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што ги довел во опасност животот и телото на луѓето, се наведува во пресудата.
Се појаснува и дека со џипот стигнал на критичното место и не ја прилагодил брзината на движење според условите и состојбата на патот, без да се наведе со која брзина го управувал возилото. Сепак, се потенцира дека претекнувал друго возило на место каде што било забрането.
-Спротивно на чл.33 од ЗБСП а согласно чл. 56 од ЗПСП на коловоз на кој сообраќајот се одвива во две насоки возачот несмее со возило да пристигнува каде се наменети исклучиво за движење на возила во правец на движењето на неговото возило и спротивно на член 54 од ЗПСП кога пристигнал на погоре наведеното место и време истиот започнал пристигнување на возило кое било пред него, пишува во пресудата.
И за време на истрагата Обвинителството објави дека Кичеец возел со брзина поголема од дозволената, без да прецизираат со бројка.
-На 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. Движејќи се со патничко моторно возило „Мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него, појаснуваа тогаш од Обвинителството.
Неодамна, пак, од Обвинителството во одговор за медиумите, посочија дека вештачењата покажале дека Кичеец возел со прилагодена брзина, по што и се преквалификува кривичното делото за кое првично се гонеше. По ова повторно се наметнува прашањето со која брзина се движел мерцедесот?
Во судскиот документ се истакнува и дека Милевски доброволно ја прифатил спогодбата, и дека и тој и обвинителот се откажуваат од правото на жалба.
„Кон предлог спогодбата од страна на Јавниот обвинител се доставени и писмени изјави на оштетените Е.С.сопруга на сега починатиот Е.С. која по однос на кривичниот прогон изјавува дека му остава на ОЈО да одлучи, а оштетените П.Ж.и М.М. кои по однос на кривичниот прогон не се приклучуваат кон кривичното гонење, додека пак оштетениот Л.Б. се приклучува кон кривичното гонење“, се наведува во спогодбата.
Валентина Вурмо