Пред четири месеци „Фокус“ објави дека актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска на 12 мај, годинава била повикана на разговор во полициска станица за опожареното возило на извршната директорка на Сојузот на Стопански комори, Кристина Стојановиќ.
Како што веќе објавивме, извршната директорка само 15 часа пред да и биде запалено возилото на крајот на февруари добила заканувачка порака, која и била оставена во автомобилот, во која се барало веднаш да го напушти ССК, во спротивно животот ќе и стане пекол.
Сепак, „Фокус“ успеа да направи увид во полицискиот записник во кој се објаснети сите случувања што претходеле на палењето на автомобилот на извршната директорка на Сојузот на Стопански комори.
Според нашите сознанија, заканите почнуваат уште на 9 февруари, годинава, кога извршната директорка како што е наведено го чекала своето малолетно дете од тренинг, кога добила телефонски повик, на кој првиот пат не се јавила, за подоцна, поточно по само две минути да одговори на новиот телефонски повик.
Како што е наведено понатаму во записникот, на телефон и се јавило непознато машко лице, кое почнало да ја навредува со погрдни зборови и да и вели да си оди од таму каде што дошла. Кога таа прашала со кого разговара, телефонскиот повик бил прекинат.
Нашите сознанија покажуваат дека полицискиот записник е направен на 25 февруари, годинава, поточно веднаш откако било пријавено дека е опожарено возилото.
Во него се објаснува дека три дена порано на паркинг просторот во близина на зградата каде што живеела на рачката од нејзиниот автомобил ПМВ, марка „Мерцедес“ забележала бело ливче хартија на кое и била напишана заканувачка порака, односно последното предупредување.
Но, што се се случувало претходно и низ какви трауми поминала извршната директорка, која во записникот тврдела дека е уплашена за нејзиниот и животот на нејзиното семејство?
Во самиот записник може да се забележи дека пред да почне голготата, на еден од состаноците на Управен одбор, лицето Драган Митковски, претседател на Сметководствена комора, за кој веќе објавивме дека е еден од поблиските соработници на Арсовска побарал разрешување од извршната директорка, која на оваа функција била назначена во август, лани.
Истиот ден, Стојановиќ на својот мобилен телефон на апликацијата „Сигнал“ добила порака од градоначалничката на Скопје, каде што е запишан и телефонскиот број од кој ја барала, кој се поклопува со тој што го користи Арсовска.
„Добро утро, после она што си дозволила Трајан да го прави, топло ти препорачувам уште денес да се повлечеш од ССК“, по што за кратко време и се јавила на телефон на истата апликација и разговорот се движел во истата насока.
Според полицискиот записник, Арсовска повторно ја замолила да ја напушти функцијата и да му каже на претседателот на ССК, Трајан Ангеловски да си замине и тој од здравствени причини, бидејќи можело да му се случи нешто лошо. Овој разговор цело време го слушал и сопругот на извршната директорка.
Дури, еден месец подоцна, поточно на 26 јануари, 2022 година, Арсовска повторно и испратила порака на извршната директорка.
„Од тебе порасипано створење во животот не сум видела. Нека ти е среќа“, се наведува во пораката, со која „Фокус“ располага.
И од увидот во самиот записник може да се забележи дека раководството на ССК покренало ревизија за работењето од претходната година додека Арсовска се уште била претседател, за што како што веќе објавивме, била и главната причина зошто било побарано од нив да ги напуштат раководните позиции.
Ревизијата на работењето во ССК, со кое претходно управувала Арсовска веќе било во тек и првичниот рок за потпишување бил на 28 февруари, годинава, периодот и кога бил запален автомобилот.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Ирена Мулачка