Деспотовски: Потребна ни е промена на менталната матрица кај клучни институции за побрз развој

by Fokus

Деспотовски е дециден дека досега не е исплатен ниту еден денар на инвеститорите во зоните без притоа да покажат конкретни резултати. Сепак неуспехот на фабриката за електрични возила во Тетово иако без финансиски импликации по буџетот го смета за голема загуба за државата. Тој вели дека без разлика на се не треба да се откажеме од вакви големи проекти со огромна додадена вредност и дека искуствата од преговорите со компанијата „е.Го“ ќе се искористат за таргетирано привлекување на напредни компании. Не го разбира отпорот на дел од јавноста кон докажано корисни проекти како гасната централа на Митилинеос или пропуштената инвестиција во ХЕЦ Чебрен и додава дека големите светски корпорации секако можат без нас но прашањето е дали ние можеме да функционираме без нив. За актуелната политичка ситуација јасно ги детектира причините за слабостите на партијата на која припаѓа но верува дека ништо се уште не е загубено и дека изборниот резултат пред почетокот на изборите секогаш е нула спрема нула што значи дека токму сега на гласачите треба да им се посвети најголемо внимание.

ИЗДВОЕНИ ПОЕНТИ:

-Во последните три години, во државава влегле близу 2 милијарди евра инвестиции
-Не се откажуваме од желбата и кај нас да се произведуваат напредни возила на електричен погон
-Дел од грешките на СДСМ во спроведување на политиките и кадровските решенија, но и тешките одлуки што мораше да се донесат го земаат својот данок кај гласачите
-На денот на изборите ќе влеземе со резултат 0:0 па гласачите ќе одлучат земајќи ги во предвид сите фактори

Разговарал: Дејан Азески

ФОКУС: Неодамна беше раскинат договорот со компанијата која требаше да произведува електрични возила во зоната во Тетово. Од времето на проектот Ауди А3 ова беше веројатно најголема шанса нашата држава конечно да добие производ со максимална додадена вредност. Зошто не се реализираше оваа инвестиција? Дали компанијата доби дел или цела сума од најавуваните десетици милиони евра државна помош?

ДЕСПОТОВСКИ: Не се срамам да признаам дека не успеавме да го реализираме овој проект. Навистина ми е жал и за сите вложени напори и за сите заложби, а највеќе за искрената надеж и поддршка што ја добивавме од еден дел од јавноста. Жал ми е и заради тоа што не покажавме на сите скептици (со чесни или други намери) дека на оваа држава може да и се случи и ваков проект. Но, не ми е жал за сите оние што ги „разочаравме“ покажувајќи дека не се плашиме да се обидеме и да не успееме. И што покажавме дека имаме развиен заштитен механизам за јавните пари. И, да ви одговорам директно и на тоа прашање, не исплативме ниту еден единствен денар кон инвеститорот. И, овој принцип на работење, прво да видиме реализација на обврски, па потоа да даваме јавни пари, ќе остане се додека сум на оваа одговорна позиција.

ФОКУС: Дали во вашето повеќе годишно работење има и вакви други примери и колку е тоа честа пракса? Како всушност функционира целиот процес од преговори до реализација и колкав е генерално процентот од едното до другото?

ДЕСПОТОВСКИ: Вакви примери на најавени, а нереализирани инвестиции имаме, сега зборувам како држава, доста. Неодамна видов еден извештај на истражувачката мрежа Призма, која вели дека во периодот 2007 – 2016 година најавени се 3,8 милијарди инвестиции, а реализирани се нешто помалку од 20% од тоа. Значи, на 5 најавени евра од странство во Македонија влегло само 1. За споредба, во последните три години, во државава влегле близу 2 милијарди евра инвестиции. Немам прецизна евиденција колку инвестиции се најавени од 2017 година наваму (ги охрабрувам истражувачките мрежи да направат и ваква анализа). Но имам поприлично прецизни бројки за најавени и реализирани инвестиции во ТИРЗ во мојот мандат од крајот на 2020 до денес. Од најавени некаде над 1,3 милијарди евра досега се склучени договори и се реализираат над 1 милијарда.

ФОКУС: Сем Ван Хол и камионите на Брако во нашата држава за жал нема друг така технолошки совршен и комплетен производ. Дали можеби како држава во иднина треба да се насочиме повеќе кон привлекување на производители на цели возила со оглед дека сите други сегменти на автомобилската индустрија се веќе присутни. Како може да се изведе тоа Субвенции…стимулации…поволности?

ДЕСПОТОВСКИ: Верувам дека може да се изведе. И да, и покрај неуспехот со е.Го не се откажуваме од намерата да се реализира еден ваков проект во Македонија. Како? Секако не е едноставно, но првите чекори веќе ги направиме. Искуството со е.Го ни овозможи да изградиме модел на поддршка што е прифатлив за производители на електрични возила. Стигнавме до изграден локален капацитет (зборувам за домашни банки подготвени да финансираат, но и домашни компании подготвени да градат) што може да се вклучи веднаш во ваков проект. Токму затоа, не само заради желбата, туку и заради напорите што досега се вложени, ќе се обидеме повторно. Деновиве ќе доставиме до Владата иницијатива да се објави повик до сите заинтересирани домашни и странски комапнии, под истите услови што ги имаше е.Го, да реализираат ваков проект во Македонија.

ФОКУС: Природниот гас е енергенс чија цена долгорочно ќе оди обратно пропорционално од нафтата. Што значи дека тој ќе е се поефтин и подостапен како што се отвараат нови и нови наоѓалишта. Од тој аспект колку е значајно за државата да има енергетски и генерално индустриски капацитети базирани на овој еколошки енергенс на иднината?

ДЕСПОТОВСКИ: Значајно е многу, иако гасот е само еден чекор кон обезбедување на целосна енергетска транзиција кон „чиста“ енергија. Затоа државата паметно вложува во инфраструктура. Прв чекор беше обезбедување на јасна и дефинирана сопственост на ГАМА, а потоа и влогот во гасниот интерконектор во Александрополис во Грција. И, кога зборуваме за енергетска независност, фер е да се каже дека токму оваа Влада обезбеди многу на тој план.

ФОКУС: Сепак случајот со Митилинеос (најголемата енергетска инвестиција во последниве децении) се проблематизира. Дали станува збор за редовен предизборен ПР или навистина има поголем проблем кој ќе го загрози овој стратешки проект?

ДЕСПОТОВСКИ: Нема никаков проблем од економски, енергетски, а најмалку од еколошки аспект. Напротив, придибовките за граѓаните, за државата се огромни. Како граѓанин на Скопје не можам да прифатам дека дискутираме дали да се задржи сегашниот начин на затоплување (дрва, гуми) наместо да одиме со значително проширување на капацитетите на централното греење. Па, каде се трошоците за загубено здравје, човечки животи во математиките и „математиките“ кои ги презентираат противниците на проектот? Дали уште навистина, во 21 век, треба воопшто да дискутираме за прозводство на струја на јаглен, кој патем го увезуваме? Па, дискутираме за тоа дека инвеститорот ќе се богател на товар на граѓаните. Притоа, забораваме дека истиот тој инвеститор веќе остварува над 7,5 милијарди евра годишен приход од Светот. Македонија е односно ќе биде само 1,3% од тоа. Како не сфаќамедека големите странски компании секако можат и без нас. Прашањето е дали ние можеме и сакаме без нив.

Зборуваме и зборуваме, а времето си тече и можностите се губат. Упорно забораваме дека најлошата опција за сите не е нешто да направиме, макар и во дел погрешиле, туку да не направиме буквално ништо. А, тоа ни се случува веќе 35 години. Времето, животот на генерации млади луѓе го трошиме на зборување, наместо на правење. И потоа жалиме за пропуштените можности и се восхитуваме на други држави кои ете успеале да реализираат проекти.

И, морам да Ве поправам. Не е Митилинеос најголемата енергетска инвестиција во Македонија од осамостојувањето. Тоа треба(ше) да биде ХЕЦ Чебрен. По 25 години и безброј постапки да се најде инвеститор на крајот, на договорена инвестиција од 1 милијарди евра, самите одлучивме да го „потопиме“ проектот. Не сакам да верувам дека за 25 години од сега сеуште ќе зборуваме за пропуштена можност. Проектот веројатно и тогаш ќе може да го реализираме, ама загубеното време никако нема да може да го вратиме назад.

ФОКУС: Што е со останатите конкретно најавени инвестици и за оние за кои досега постоеле само шпекулации? Што конкретно може да ни кажете за ресорот под ваша надлежност? Реинвенстиции…нови вложувачи…некое големо ексклузивно име?

ДЕСПОТОВСКИ: Има и многу работи. И многу новини кои треба да се случуваат. Сеуште и должиме на јавноста презентација на првата голема македонска инвестиција во ТИРЗ. Должиме и конкретни проекти во рамки на новата соработка што ја имаме со Јапонија. Тука, потенцијалите, и не само за инвестиции се огромни. Должиме и интегрирање на Агенцијата за странски инвестиции во рамки на ТИРЗ. Должиме нов закон за индустирски и зелени зони, како и нов закон за ТИРЗ, со многи новини за нашите компании. На крајот, зошто да не и креирање на една единствена зона на целата територија на државата, со максимално олеснети административни процедури за компаниите кои инвестираат. Со современа инфраструктура, каква што имаме во зоните. И, поголем дел од овие работи се веќе разработени и подготвени. Она што недостасува е време, фокус, но и притисок да се промени менталната матрица кај неколку клучни институции. Ама, не се откажуваме. Затоа и реков „должиме“ и ќе направам се да испорачаме. А, за големи имиња… Веќе ги имаме тајванскиот Јагео, германскиот Гересхајмер, секоја по 200 милиони евра, како две најголеми гринфилд инвестиции од осамостојувањето, кои веќе се реализираат. Ќе има уште.

ФОКУС: Од претседателските и парламентарните избори не делат помалку од два месеца. Каква е атмосферата и активностите во СДСМ -партија во чии раководни структури сте повеќе години? Кои се вашите груби проценки околу изборните резултати?

ДЕСПОТОВСКИ: Во овој момент, согласно партиската позиција што ја имам, а тоа е еден од десетиците илјади членови, не се чувствувам најсоодветен да зборувам за атмосферата во партиското раководство. Сепак, јасно е дека дел од грешките во спроведување на политиките и кадровските решенија, но и тешките одлуки што мораше да се донесат го земаат својот данок кај гласачите. И, тоа е сосема во ред. Она што не е во ред е навестувањето за враќање на некои минати времиња, каде анкетите се користеа не како алатка за мерење на јавното мислење, туку како инструмент да се манипулира. Да се создаде впечаток дека ете се е дефинирано и секој напор е бесмислен. Обид да се обесмисли демократијата и гласањето, да се заборави дека на денот на изборите почнуваме од 0:0 и дека кампањата треба да понуди, но и да потсети на некои работи што се или не се направени. И тука ќе застанам. Последно што ќе кажам е моето лично очекување дека по изборите процесите ќе бидат еднакво динамични и интересни, како и во овој период. Важно е да се формира стабилна Влада, важно е да се искористат сите ресурси во државата за квалитетно извршување на задачите и одговорностите во институциите. Мислам дека дојде време кога многу работи веројатно ќе треба да се направат радикално поинаку. Ќе треба многу храброст, многу голтање на суета, ама не треба да заборавиме дека, како политичари, тука сме пред се заради луѓето.

Поврзани новости