Директорот на Технолошко-индустриските развојни зони, Јован Деспотовски, во видео обраќање порачува дека пописот ќе придонесе земјава посериозно да излезе на картата на странските инвеститори и да се привлечат инвестиции со повисок квалитет.
– Секој потенцијален инвеститор којшто доаѓа во земјава, меѓу првите прашања кои ги поставува е прашањето за структурата на работната сила. И токму затоа пописот апсолутно и директно влијае врз одлуката на инвеститорите да вложат во Северна Македонија, и секако тоа што е многу важно, влијае врз структурата односно на висината на платите што овие компании ги даваат на работниците кои ги ангажираат – вели Деспотовски.
Тој посочува дека еден од главните столбови на новиот концепт во работењето на ТИРЗ е да се привлечат странски инвестиции со поголем квалитет кои, според него, ќе донесат повеќе пари во буџетот, но и подобро платени места.
– Целта е до 2024 година вработените во компаниите кои се веќе активни во ТИРЗ да добиваат 30-50 проценти поголеми плати. За таа цел, ТИРЗ работи на развој на мерки и програми со кои ќе се поттикне растот на платите преку зголемена продуктивност на трудот и вложување во унапредување на вештините на домашните работници – истакнува Деспотовски.