Деспотовски: Политиката засега не влијаат врз странските инвестиции

by Fokus

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски смета дека политичките случувања во земјава и протестите поради францускиот предлог, нема да се одразат врз одлуките за инвестирање на странските компании.

Тој, како што рече денеска на прес-конференција, во разговорите со компаниите добива прашања од типот „што се случува“, но ризици по договорите за инвестиции засега нема, ниту некои компании одлучиле да ја променат својата позиција и од тука да заминат во земјите од регионот.

Неговиот личен став во однос на францускиот предлог е дека „по 17 години можеме да си дозволиме да направиме еден чекор“.

-Никој не нé држи со сила во рамки на процесот. Ако нешто во даден момент не ни одговара, секогаш можеме да излеземе и да се повлечеме, потенцира Деспотовски.

Според него, секој има право да протестира и да го искаже своето незадоволство.

-Навистина верувам во тоа дека секој граѓанин има право и го почитувам тоа право да може своето незадоволство од која и да е политика мирно го изрази на кој било начин, вклучително и на улица. Тоа е едно од демократските придобивки за кое оваа власт кога беше во опозиција се бореше да се зацврсти, така што тука апсолутно немам никаква дилема дека тоа е позитивно. Како Македонец искрено и мене ми пречи, да речеме, ајде така да го окарактеризираме, неодговорното однесување на дел од политичките елити и структури во Бугарија, така што и јас реагирам на тоа искрено и го разбирам незадоволството и реакцијата, јас би рекол кај огромно мнозинство од нашите сограѓани, не само на тие што се на улица, туку и на тие што не излегуваат на улица од различни причини. Меѓутоа, исто така ми пречи и неодговорното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица кои се обидуваат, ај да кажеме автентично незадоволство кај луѓето од неодговорни политики кај нашиот источен сосед да го искористат за ситен политички ќар. Е тоа е неодговорно однесување и тоа ми пречи. И верувам дека многу, многу повеќе луѓе би биле на улица да го изразат тоа незадоволство доколку не се случува тоа што се случува и таа злоупотреба е, така да кажеме, од страна на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, објасни Деспотовски, одговорајќи на новинарско прашање.

Тој изрази надеж дека следната недела, кога доаѓа делегацијата од американско-тајванската компанија, нема да има прашања за тоа „што се случува“.

-Сепак, пораката и една од клучните позиции на земјава во однос на останатите држави во регионот е тоа што имаме гарантирана безбедност и стабилност како членка на НАТО и навистина не сакам тој адут и аргумент да го изгубиме, повторно ќе кажам, заради тоа што имаме неодговорни политички партии кои тоа го користат за ситен, сопствен ќар. Искрено се надевам дека ова што се случува сега, нема да ни наштети на позицијата на државата во разговорите со американската компанија која доаѓа на почетокот на наредната недела бидејќи станува збор за инвестиција од четврт милијарда евра, подвлече директорот на Дирекцијата на ТИРЗ.

Поврзани новости