Во пресрет на утрешните внатрепартиски избори во СДСМ, „Фокус“ побара од кандидатот Јован Деспотовски да издвои две политики на СДСМ кои според него и наштетиле на партијата, како и две политики кои биле позитивни.
Според Деспотовски, негативно било тоа што се создал впечаток дека партијата ги заборавила членовите и граѓаните, како и тоа дека многу процеси се одиваат недоволно брзо и искрено.
Како позитивни политики ги оцени храброста партијата да се носи со тешки одлуки, како и добрата економска политика.
Во продолжение прочитајте го образложението на Деспотовски зошто овие политики и наштетиле на СДСМ, односно зошто биле позитивни.
Две политики кои му наштетиле на СДСМ
-
Впечатокот дека ги заборавивме членовите, граѓаните.
Концепт28 воведува нов модел на избор на клучните позиции и во партијата и за сите носители на јавни функции. Членовите на директни избори да бираат кој ќе ги претставува во општинските организации, кој ќе им биде кандидат за градоначалник или пратеник. Ова е пракса што постои во многу западни земји е и гарант дека избраните политичари ќе бидат одговорни кон членството, а не да одговараат пред лидерот. Само вака ќе знаеме дека сме ги избрале вистинските луѓе за вистинските позиции. Да не ги прилагодуваме политиките на луѓето, туку луѓето и мерките да ги бираме според политиките кои треба да се спроведат.
-
Впечатокот дека многу процеси се одвиваат недоволно брзо и искрено.
Споро спроведување на многу од зацртаните цели и ветувања. Тоа не чинеше изборен пораз. Граѓаните на последните локални избори испратија јасна порака не само за СДСМ туку за сите политички партии дека не се задоволни од начинот на кој се практикува политиката. 150.000 решија да останат дома. Голем број се и наши членови. И ги разбирам. Луѓето се уморија од ветувања и оправдувања, сакаат брзи и видливи резултати кои ним, како поединци ќе им го променат секојдневниот живот. Но промената мора да почне од нас, внатре во партијата, па да се преслика на државно ниво. Клучна е потребата да се менуваме, подобруваме, зајакнеме и да се свртиме целосно кон граѓаните и нивните потреби.
Две добри политики на СДСМ
-
СДСМ покажа дека има и знаење и капацитет, но и храброст да се носи со тешки предизвици.
Со мудра политика, трпение и решителност со Преспанскиот договор успеа да го реши деценискиот спор со Грција кој ни донесе членство во НАТО, а наскоро и почеток на преговори за членство во ЕУ, а истовремено да се зачува македонскиот идентитет. Членството во НАТО е сериозен, огромен капитал што оваа Влада предводена од СДСМ и го донесе на земјата, на сите граѓани кој е гарант и развој и стабилна економија. Оти нема економија без стабилност.
-
Економски раст
Покажавме дека знаеме да вложиме во развојот на домашните компании, но и да поттикнеме квалитетни инвестиции надвор од земјата. Покажавме дека знаеме да работиме во интерес на граѓаните. Платите растат. Со новиот, паметен концепт на поттикнување на инвестиции придобивките нема да бидат повеќе само за компаниите, туку и за сите граѓани. Преку поголеми уплати во Буџетот, поголеми вложувања во здравството и образованието.
К.С.Б.