Во првите шест месеци од годинава, обемот на инвестиции е околу 240 милиони евра и отворени се нешто под 3.000 нови работни места, рече денеска директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски. До крајот на годината, информира Деспотовски, се очекуваат инвестиции „тешки“ над 400 милиони евра кои ќе отворат преку 5.000 работни места.
Деспотовски истакна дека во завршна фаза се разговорите за две нови инвестиции за што очекува детали да бидат соопштени до крајот на летото, а во почетокот на следната недела доаѓа делегација од американско-тајванската компанија со чии претставници веќе се направени подготвителни разговори.
-Конкуренцијата е доста сериозна. Станува збор за голема инвестиција, спомнав некаде над 250 милиони евра, така што ќе работиме до крајот на годината, бидејќи најавите од компанијата се до крајот на оваа година да има конечна одлука за тоа дали ќе се избере прво регионот во однос на Кина, а доколку се избере регионот дали тоа ќе биде Северна Македонија, Србија или Хрватска – нагласи тој.
На прашањето дали има доволно работна сила за фабриките во зоните, тој одговорни потврдно, изразувајќи уверување дека во некој краток или среден рок се уште ќе може да се одговори на потребите на компаниите.