Деспотовски денеска ќе ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ

by Fokus

„Нов почеток, нов СДСМ“.

Ова е насловот на програмата со која Јован Деспотовски ќе ја бара поддршката за претседател на СДСМ.

Тој вчера соопшти дека денеска и официјално ќе ја поднесе кандидатурата, по што ќе одржи и конференција за медиумите.

„Во фокусот на оваа програма се луѓето. Оваа програма обединува, а не фаворизира, и во која има место за сите предлози и идеи на луѓето кои искрено ќе се вложат новиот СДСМ да го изгради интегритетот и стекне местото што го заслужува. Програмата нуди конкретни мерки и поинаков пристап во креирањето и во спроведувањето на политиките, целосна одговорност и отчетност на функционерите кон членовите и граѓаните, професионализација на партиските тела со цел поголема ефикасност, како и воведување на култура на прифаќање и почитување на различни ставови и мислења“ – вели Деспотовски.

Денеска се очекува кандидатури да поднесат и поранешните министри во владата на СДСМ – Славјанка Петровска и Венко Филипче.

Постапката за кандидирање започна на 31 мај и ќе трае до утре.

Право да се кандидираат имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и вредносните, моралните и етичките норми.

За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку пет години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.

Внатрепартиските избори се закажани на 30 јуни.

Поврзани новости