Повеќе од 40% раст на бројот на вработени во ТИРЗ (18.076), 47% раст на просечната плата во зоните(43.078 денари или 15% над државниот просек) и 57% раст на приходите од работењето, ова се клучните показатели за последните три години кои ги истакна Јован Деспотовски доскорешниот директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони на денешниот брифинг за новинари по повод неговата оставка.
Според Деспотовски 31 потпишан договор за нови инвестиции во рамки на неговиот мандат и неколку посериозни инфраструктурни инвестиции во зоните во Скопје, Штип, Прилеп и Битола се добра основа растот на зоните да продолжи и после неговото заминување. Истакна дека е посебно горд на проектите за вклучување на домашните компании како инвеститори во зоните и проектите за поддршка на младите за кои упати порака до следните раководства на ТИРЗ да ги продолжат и понатаму.
Потенцираше дека оставката не е дадена поради притисок од политичкиот опонент туку желба да се посвети на партиските активности во неговата матична партија СДСМ.