На денешното рочиште за случајот „Тагет и Тврдина“, екс министерката Гордана Јанкулоска беше спроведена од затворот „Идризово“, по што беа објавени фотографии направени во судскиот ходник, а на кои Јанкулоска е со лисици на рацете.
Универзитетската професорка и поранешна министерка за правда Рената Дескоска смета дека нема јавен интерес да се објавуваат вакви фотографии. Таа не го спомена името на Јанкулоска, но алудираше на денешните објавени фотографии.
-Јас не гледам јавен интерес во објавување на слики на лице лишено од слобода со лисици на рацете. Но гледам повреда на нејзиното достоинство и будење на ниски страсти кај публиката.
Правилото „око за око, заб за заб“ не е правило врз кое треба да се заснова демократски систем кој ги почитува човековите права. Тоа значи дека демократска држава не спроведува мачење како казна на некој што мачел, или не извршува силување врз некој што силувал.
Општеството не смее да се симне на нивото на криминалецот. Лошите пракси не смее да се применуваат, дури ни над оние кои ги применувале некогаш. ЧовековиПраваЗаСите! Без исклучок!, напиша Дескоска на фејсбук.