Се боревме против политиката во образованието и газењето на автономијата на Универзитетот и мислам дека е неумесно да го правите тоа против што сте се бореле, вели министерка за образование и наука, Рената Дескоска во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Таа истакнува дека во учебниците ќе се поправаат грешките, но напоменува дека нема да се менува историјата.
Не. Ние во процесот на проверка на учебниците кој е во тек, каде што имавме првични согледувања од сите наставници коишто предаваат во основните и во средните училишта, сега веќе и експертски групи прават анализи на одредени учебници по физика, хемија, каде е воочено дека има погрешно презентирани податоци, погрешни формули, погрешно презентирани или дефинирани физички закони, погрешни преводи од некои учебници, така што нашата цел е она што е воочено како грешка од самите наставници во основните и во средните училишта сега се дава на проверка на експертски од таа област да биде исправена. Не станува збор за бришење на историја или измена, тоа е апсурдно кој било да помисли тоа да го прави. Ние сакаме да им дадеме на нашите ученици можност да учат од учебници кои не содржат грешки.