Дескоска: Во 2019 година Министерството за правда не даде дозвола за употреба на името Иван Михајлов, кој сега дозволи?

by fokus

Професорката и поранешна министерка за правда Рената Дескоска, открива дека Министерството за правда во 2019 година не дало дозвола името Иван Михајлов да се употреби како назив за културниот центар.

-Овие неколку денови слушаме остри реакции околу името на културниот центар Иван Михајлов. Јавноста со право реагира. Се постави и прашањето околу тоа кој државен орган дозволил да се регистрира здружение под тоа име. Надлежен за регистрирање на здруженијата е Централен регистар.
Доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината – согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.

Во 2019 година кога е регистрирано ова здружение, побарано е одобрение од Министерството за правда. Министерството тогаш НЕ ДАЛО одобрение за употреба на името Иван Михајлов. Министерството за правда го известило и подносителот на барањето дека не може да даде согласност за употреба на името Иван Михајлов, појаснува Дескоска, која додава дека известувањето дека не може да се даде согласност, значи дека немате согласност од надлежниот орган!

Таа истакнува дека се неопходни законски измени со јасни критериуми кои имиња би биле забранети.

-Овој случај покажува дека треба веднаш да почне постапка за носење измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за регистрирање на истите, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или не одобрување на употреба неговото име, вели Дескоска.

Поврзани новости