Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека контролата што е направена во шест судови во земјата покажала дека нема злоупотреба на електронскиот систем за доделување на предмети.
-Лани извештајот покажа дека во изминатиот период имало бројни нерегуларности и злоупотреба на системот. Годинава комисиите направија контрола на шест судови, а резултатите беа спротивни на тоа претходно, тоа значи дека се почитуваат правилата на АКМИС распределбата на случаите, што покажува дека тоа што го ставивме во законската рамка како основ за разрешување судии и претседатели на судови доколку нешто се случи надвор од АКМИС дава ефекти, рече министерката Дескоска.
Таа рече дека претходно имало случаи претседател на судот наместо преку АКМИС по случаен избор да избира кој судија ќе ги суди предметите, на одредени судии им давал на рака предмети, а тие ги земале.
-Сега ниту судијата може да земе, ниту претседателот да даде на рака предмет надвор од автоматизираниот систем, рече министерката Дескоска одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на конференцијата на тема „Поглавје 23: македонското сидро или едро?“.
Во врска со негативностите на кои укажал ланскиот извештај за АКМИС, Дескоска рече дека се преземени активности, сослушани се сведоци, како и дека е извршен увид од страна на јавното обвинителство.
-Истражните постапки не траат кратко, треба да се соберат сериозни докази. Мислам дека има сериозен напредок кој ќе резултира со отворање на случај во најскоро време, додаде министерката.