Судските реформи не се застанати, а сите закони кои се во согласност со Стратегијата на Министерството се пуштени веќе во процедура и се одржува динамиката, рече министерката за правда Рената Дескоска во изјава за медиумите пред обраќањето на Националната конференција на тема „Унапредување на механизмите за обезбедување пристап до правда“.
Таа во тој контекст ги посочи и законите за судови и за судски совет кои се веќе објавени на ЕНЕР при тоа посочи дека Министерството за правда останува на решението за професионализација на Судскиот совет, бидејќи тоа е во согласност со Уставот.
-Во делот за депрофесионализацијата која што била планирана во рамките на она што значи работење во Судскиот совет и членување во Судскиот совет има два аспекта кои се отворени. Едниот е уставната одредба која постои во нашиот Устав, која вели дека вршењето на судската функција е неспоива со друга јавна функција и професија во согласност со закон. Истата одредбна е дадена и за Судскиот совет. И судската функција и функцијата член на Судскиот совет се функции и имате јасна одредба дека имате неспоивост, настрана другите аргументи кои се отвараат околу евентуални можни милион други конфликти на интереси кои што би произлегле од непрофесионално членство на адвокати во Судскиот совет кои што треба да одлучуваат за судии пред кои што застапуваат предмети. Така што тој концепт ние најавивме дека мора да си го почитуваме Уставот и дека навистина би било несериозно како држава да предложиме двотретински закон во кој што ќе ставиме одредба за која што сериозни правници укажуваат дека не е во согласност со Уставот, вели Дескоска.
Таа додаде дека и за законот за судови и за законот за судски совет, кои се дел од реформите, разговараат со Венецијанската комисија и бараат согласност од Комисијата. Законот на крајот ќе се моделира во согласност со препораките, затоа што рече, во реформите на судството не сме оставени на самостојна креација на одредби, туку треба да се исполнат европски стандарди и препораки, кои во однос на овие два закона доаѓаат токму преку Венецијанската комисија.